Донација од шведската болница Халмштад за битолската Клиничка болница

Министерот за здравство Никола Тодоров денеска во битолската Клиничка болница промовираше донација од болницата во Халмштад, Шведска.
 
Станува збор за најсовремена медицинска опрема вредна околу 20 милиони денари со која значајно ќе се подобрат условите за функционирање во повеќе одделенија на битолската Клиничка болница, истакна министерот Тодоров.

- Во донацијата има холоноскоп, гастроскоп, екг-апарати, ултразвучен апарат, опрема за офтамологија и 13 апарати за хемодијализа од светски познатата компанија „Гагра“. Досега во Клиничка болница-Битола имаше вкупно 12 апарати за хемодијализа, а сега се донираат дополнителни 13 со што повеќе од двојно ќе го зголемиме капацитетот за хемодијализа во болницата за квалитетни услуги во наредните 6 до 7 години, истакна министерот Тодоров.
 
На новинарско прашање во врска со покажаните финансиски загуби на одделни јавни здравствени установи во државата вклучувајќи ја и Клиничка болница-Битола, министерот Тодоров рече дека за решавање на тој проблем и реалниот пристап во истиот, поддршка добил и од опозицијата.

-Со најавената  реформа во делот за лековите и измена на Законот за лекови и медицински помагала, очекуваме во целиот здравствен систем да имаме заштеди од над 15 милиони евра, кои не само што ќе бидат доволни да се покријат загубите што постојат во некои здравствени установи туку и да се реалоцираат средства во многу продуктивни расходи на сите болници, а не само во Клиничка болница-Битола, одоговори Тодоров.
 
Министерот за здравство на денешната прес-конференција потврди дека на негова иницијатива битолската Клиничка болница ќе биде вклучена во втората фаза од големата реконструкција на јавните здравствени установи во државата за што средства се обезбедени од проект со банката при Советот на Европа и најави системско решавање на проблемите со ангажирање волонтери врз принципот на одржливост со што ќе се исправат грешките направени во минатото.