Стартува проектот за обука на македонски лекари во реномираната индиска болница Аполо
Владата на Република Македонија и реномираната индиска групација на болници Аполо потпиша меморандум за соработка во областа на медицината.
Договорот, кој беше потпишан од македонскиот амбасадор во Индија Тони Атанасовски и финансискиот директор на Аполо болниците Ени Мари Монкури, предвидува македонски доктори да одат на обука во Индија каде што ќе бидат обучувани за најнови методи и техники во одделни медицински области.
По потпишувањето на меморандумот финансискиот директор на Аполо болниците, Ени Мари Монкури го истакна задоволството од започнатата соработка.
- Аполо болниците се горди што имаат можност да потпишат меморандум за соработка со Македонија. Реформите што ги прави Владата во целиот систем, вклучително и здравствената заштита, дозволува да се има платформа да се прошируваме и растеме заедно. Се радуваме што продолжуваме да работиме и овозможуваме здравствена заштита низ целиот свет, изјави Мари по потпишувањето на меморандумот.
Предвидено е во текот на оваа година две групи на доктори од Македонија да престојуваат во посета на Аполо болниците, од кои првата група треба да замине во текот на втората половина од април, а втората група по завршувањето на летниот период. Првата група на лекари кои ќе ја поминат обуката за усовршување ќе биде составена од 7 лица, и тоа по двајца инфектолози и дерматолози, и по еден онколог, анестезиолог и доктор по физикална медицина.
- Лекарите ќе престојуваат во Аполо болниците два до три месеци. Ова е добра можност за стекнување на напредни знаења и затоа ги повикуваме сите заинтересирани доктори да се јават во Министерството за здравство со свои апликации и да се стекнат со можноста да бидат селектирани и да бидат дел од групата која ќе биде обучувана, изјави владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев.
Аполо групацијата е најголемиот медицински центар во Индија кој поседува 50 болници и опслужува 1.500 пациенти дневно. Групацијата е лидер во хирургијата и трансплантацијата. Процедурите за воспоставување на соработката беа започнати при посетата на премиерот Груевски на Индија во јануари оваа година.
- Остваривме средба со компанија која што ги има најсилните и најдобрите болници овде во Индија. Тоа е компанија која во Индија се занимава и со спа-центри. Нивните болници имаат највисоки достигнувања и највисока соработка со најпознатите болници во светот во областа на медицината и во различни области кои се поврзани со роботиката во медицината, изјави премиерот Груевски по средбата со менаџерскиот тим на болницата Аполо во јануари оваа година.
Ова е дел од проектот на Владата за размена на медицински кадар и обука во странство со цел зајакнување на капацитетите на македонското јавно здравство, низ кој досега над 1.000 лекари беа испратени на напредни обуки во странски здравствени центри.