Груевски: Проектот за самовработување со грантови ќе отвори нови работни места
Проектот за самовработување со кој за започнување на сопствен бизнис се доделуваат грантови од 3.000 евра ќе отвори нови работни места, оцени денеска премиерот Никола Груевски.
Одговарајќи на новинарско прашање по промоцијата на новите дела од едицијата „Македонски искушенија“, Груевски истакна дека конкурсот е веќе објавен и ќе заврши на 10 март.
- Овој јавен повик до сите невработени предвидува доделување грантови од 3.000 евра за опрема и репроматеријали за отпочнување бизнис и 250 евра за бизнис план и за сметководствени работи поврзани со отворањето на фирма. Ова е еден од начините како да им се помогне на многу невработени коишто сакаат да започнат бизнис и имаат бизнис идеја, изјави Груевски.
Досега, како што информира премиерот, на овој начин се отворени 5.100 работни места, а со овој проект што ќе опфати околу илјада луѓе кои ќе добијат грант, се очекува тој број значително да се зголеми. - Станува збор за сериозни износи за околу 214 милиони денари што ќе се доделат или околу 3,5 милиони евра, посочи Груевски.
Тој ги повика сите невработени лица кои имаат некаква бизнис идеја да аплицираат на јавниот повик.
- Предност ќе имаат оние кои ќе имаат најдобар бизнис план кој укажува дека фирмата ќе има побрз раст, оние кои имаат иновативни идеи и оние кои ќе бидат во можност да вработат барем уште едно лице заедно со нив, појасни Груевски.
Тој додаде дека проектот досега се реализира со успешност, односно оти голем дел од фирмите кои се формирани на ваков начин работат.
- Тоа не охрабри да продолжиме и понатаму и затоа сега ги доделуваме овие околу илјада нови грантови со можност за вработување многу луѓе, самовработување, но и вработување на други луѓе. И тоа е еден начин на стекнување почетен капитал, неповратен за да го започнат својот бизнис. Во рамки на бројката на лица кои ќе добијат грант, може да влезат и занаетчиите кои, освен што ќе го добијат грантот, ќе добијат и средства за една година за плаќање кирија за дуќанот, каде што ќе ја извршуваат занаетчиската дејност, нагласи премиерот Груевски.