Доделени 70 решенија за дивоградби во Велес
Над 70 решенија за легализација на дивоградби во општина Велес денеска врачи министерот за транспорт и врски Миле Јанакиевски заедно со градоначалникот на Општина Велес Славчо Чадиев.
Во обраќањето пред присутните министерот Јанакиевски потенцира дека ова е добар процес бидејќи граѓаните кои пред десет, дваесет триесет и повеќе години ги граделе своите куќи сега имаат можност да ги запишат во имотен лист и да добијат тапија, а со тој имотен лист можат легитимно да го предаваат имотот на своите поколенија.
- Воедно со ова имаат можност и да си земат кредит за било какви инвестиции, ова е прв чекор, а доколку објектот е изграден на земјиште на Република Македонија исто така може да го приватизираат по едно евро. Ова е можност граѓаните да си ја запишат сопственоста на земјиштето и објектите во катастар и да си имаат имотен лист, истакна Јанакиевски.
Министерот информира дека во Велес се легализирани околу 2.800 објекти со што општината претставува една од оние кои имаа најмнугу легализации до сега.
- Пред една недела околу 36 проценти од барањата што се доставени до институциите се веќе легализирани објекти или околу 116 илјади објекти се веќе легализирани. Ја користам оваа прилика до сите граѓани и компании да достават геодетски елаборати до 31 декември годинава бидејќи некаде околу 160 илјади предмети се без геодетски елаборати, рече Јанакиевски.
Потсети дека со измените на Законот за катастар на недвижности, а согласно нивната програма сите семејства кои примаат социјална помош и се лица со ниски примања, Агенцијата за катастар на нивно барање ќе им изготви бесплатни геодетски елаборати.
Според Јанакиевски, околу илјада граѓани од овие социјално ранливи категории веќе добиле бесплатни елаборати од Одделенијата на катастарот во сите градови во земјава. Потенцира дека тимови на Центрите за социјални работи ги посетуваат домовите на овие лица и ги информираа за ваквата можност.
Градоначалникот Славчо Чадиев информира за 2.400 предмети со барања за легализација не се доставени геодетски елаборати.
-За акцијата да тече непречено ние од општната имаме примено девет вработени, а планираме и да ја зголемиме екипата со нови вработувања. Нашите екипи одат од куќа на куќа за да им појаснат на граѓаните дека треба да достават елаборат, а воедно ги информираме и за бесплатен елаборат за оние кои се социјално загрозени семејства, истакна Чадиев.
Во Велес од досега изработените решенија за легализација на дивоградби, околу 90 проценти се индивидуални семејни куќи за живеење.