Груевски: Заев сака да не убеди во нешто што не постои
Заев сака да не убеди во нешто што не постои, но граѓаните знаат дека немало фалсификат, оцени денеска премиерот Никола Груевски одговарајќи на новинарски прашања по последните објавени материјали од страна на СДСМ.
Заев, според Груевски, од прилика ги повторува истите работи кои ги зборувал и сака да ги убеди граѓаните дека не гласале по своја волја.
- Со други збори некако како да не тера сите нас како да сме во пустина, а тој не тера да замислиме дека пред нас има планина, а никој од нас таа планина не ја гледа. Преведено со други зборови, сите ние учествувавме на изборите, граѓаните учествуваа на изборите и добро знаат дали имаше или немаше притисоци и закани или што било друго. Одеднаш се појавува Заев со разни креирани материјали со коишто сите граѓани, не само нас, сака да ги убеди дека тие не гласале по сопствена волја, не гласале на начин како што гласале без какви било притисоци, закани или нешто слично што е незаконски, туку дека гласале со притисоци и закани, изјави Груевски.
Затоа, додаде, го дадов овој пример, сите гледаат дека има пустина, но тој ни вели не, имате планина пред вас, но вие не ја гледате, јас ја гледам и еве неколку луѓе околу мене.