Средба на Груевски со Тим Павленти, шеф на кампањата на претседателскиот кандидат на САД Мит Ромни
Претседателот на Владата на Република Македонија, Никола Груевски, денеска во Марсеј, оствари средба со Тим Павленти, шеф на националната кампања на еден од кандидатите за претседател на САД од редовите на Републиканската партија, Мит Ромни, со Џуди Ван Рест, потпретседател на Меѓународниот републикански институт (ИРИ), и со Јан Сурочак, директор на ИРИ за Европа. Павленти е еден од потенцијалните кандидати за потпретседател на САД, во случај на претседателски номинација на Ромни.
Соговорниците, ги поздравија добрите партнерски и политички односи меѓу Република Македонија и САД, и разменија мислења за повеќе теми и прашања од заеднички интерес. Беше разговарано за реформите и модернизацијата која Република Македонија ја спроведува во однос на аспирацијата за членство во НАТО, и беше истакната значајната подршка од страна на САД во реализацијата на таа цел, а беше поздравено и високо вреднувано присуството на македонски мировни сили во мисиите на НАТО за подршка на демократијата и мирот.
Соговорниците, разговараа и за најновата одлука на Меѓународниот кривичен суд во Хаг, и нејзиното значење и придонес во реализацијата на евроатлантските интеграции на Република Македонија и надминување на предизвиците кои постојат на тој пат.
Претседателот на Владата, Груевски, на маргините на Самитот, оствари средба со премиерот на Кралството Шведска, Фредерик Рајнфелд. На средбата беа разменети мислења околу можностите за надминување на ефектите од кризата во еврозоната, менаџирање на нејзините последици, како и теми од значење за европската интеграција на Република Македонија и реализација на политиката на проширување на Европската Унија.