Во манастирот „Св. Јован Бигорски“ осветени конаците Горни и Источен Палат
Во манстирот „Свети Јован Бигорски“ денеска беше осветен новоизградениот конак Источен палат и возобновениот конак Горни палат.
На свечениот чин на осветување на конаците присуствуваа претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов, претседателот на Собранието Трајко Вељаноски и министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска
После неполни шест годни од големиот пожар во 2009 година, Бигорското светилиште на свети Јован Крстител најпосле го дочека мигот на свеченото осветување на новоизградениот конак Источен Палат, како и на возобновениот Горни Палат.
- Овие изминати пет и половина години, пожртвуваноста и големиот труд на нашиот Старец, Архимандрит Партениј и нашето монашко братство, како и помошта и поддршката од страна на нашиот благочестив народ и благоверната Влада на РМ, а пред сѐ, благословот од семилостивиот наш Спасител, Господ Исус Христос, и молитвите на Неговата Пречиста Мајка и на Неговиот славен Крстител, вродија со голем плод, велат од манастирот.
Голем број граѓани и претставници на државниот врв присуствуваа на осветувањето на одновениот дел од манастирот кој настрада во пожарот.
На корисна површина од 7600 м2, колку што зафаќаат Источен и Горни Палат, распоредени се педесетина монашки ќелии, магерницата, големата трпезарија, галеријата со икони, подрумските простории, великиот и малиот синодикон, гостинскиот архондарик, манастирската амбуланта, прекрасната книгохранителница, манастирската кула и други функционални простории…