Македонија потенцијален логистички центар за побрз железнички транспорт
Раководители на железнички компании од регионот и кинеската компанија КОСКО анализираат логистички решенија за ефикасни брзи транспортни патишта од пристаништето Пиреја преку железничките мрежи на територијата на Македонија до Централна Европа.
Според оценките од денешната средба во Скопје, што ја организираат МЖ Транспорт и КОСКО, со развој на транспортната мрежа и создавање железнички собирен пункт на стратешко место во Македонија, ќе се забрза транспортот на стока и ќе се зголеми конкурентноста на компаниите и економиите.
- Одамна ја имаме идентификувано и можноста Македонија да стане логистички центар на оваа рута по овој коридор. Целта на денешниот состанок со кинеската компанија во соработка со македонските железници и железниците во регионот е да се идентификува локација во Македонија која долгорочно би можела да претставува еден логистички центар, а понатаму тоа ќе биде основа и евентуално за формирање некаква посебна зона каде би можело да има и полесно производство, како и други услуги коишто се важни, изјави вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски.
Поврзувањето на Македонија со регионот, оцени Пешевски, е она што ќе ги решава реалните проблеми и на странските и на домашните инвеститори, ќе ја зголемува нивната конкурентност и ќе создаде можност и за нови инвестиции и создавање нови работни места.
Шеесет проценти од увозот на стоки во Македонија пристигнува преку Океанскиот пат на свилата од пристаништата во Пиреја и Солун. Во Македонија железничкиот транспортен сообраќај во вкупниот транспорт учествува само со 10 проценти, што, според Пешевски, во голема мера се должи на застарената железничка инфраструктура.
Се работи, истакна, на подобрување на патната и на железничката инфраструктура. - Веќе имавме разговори за изградба на брза железница со кинеските власти, а паралелно македонската Влада поддржува околу 10-ина проекти, дел за изградба на нови железнички станици и обновување на постојната железничка инфраструктура, дел за изградба на нови железници и за набавка на возови и вогони, рече Пешевски.
На пристаништето во Пиреја, во кое КОСКО инвестираше 700 милијарди евра, годишно впловуват 24.000 транспортни бородови, а според вицепремиерот, очигледно е дека подобрувањето на патната инфраструктура во Македонија ќе биде од обостран интерес.
Според директорот на МЖ Транспорт Никола Костов, Македонски железници првпат се промовираат како регионален лидер во железничкото поврзување, момент што треба да се искористи и Македонија да стане логистички центар имајќи ја стратешката позиција и европската позиција. Проектите што ги имаме во соработка со Владата треба да ги искористиме пред се од аспект на железничката инфраструктура, товарните вагони, новите патнички возови,... рече Костов, оценувајќи дека тоа ќе овозможи просперитет и оти за кратко време ќе се зголеми обемот на работа и во товарниоти во патничкиот сообраќај.
Јелисавета Георгиева, потпретседател на Стопанската комора на Македонија, истакна дека реализацијата на идејата за создавање железнички собирни пунктови во земјата и понудата на логистички решенија за ефикасни и брзи транспортни текови од и за Европа во целост се вклопуваат со барањата и потребите на бизнисот.
- Идејата и потребата за што подобро и поефикасно интегрално и инфраструктурно поврзување на економските центри од поширокото опкружување со балканските водени пристаништа, вклучувајќи го пристаништето во Пиреја за бизнис заедницата не е никаква новост, а особено сега потребата за излез на трети пазари на македонското стопанство преку користење на најблиска и најекономична транспортна поврзаност е се понагласено, рече Георгиева.
Основниот бенефит од реалзиацијата на тој процес, порача, би бил значително подобрување на конкурентноста на домашните производи на странските пазари.
Не треба да се заборават, потенцира, и бројните проблемите кои постојат од административно техничка природа, како што се неунифицираноста на правната легислатива, шареноликоста на прописи од сообраќајната и царинска сфера, разноликоста на патните такси и давачи, нетарифни бариери по разни основи. Тоа значително го оспорува транспортиниот циклус од почетната до крајната дестинација за која треба да работат сите заеднички од аспект да може да се намали влијанието на наведените прашања и проблеми, рече Георгиева.