Ставрески: Македонија има напредок во контролата на јавните финансии
Македонија има направено значителен напредок во внатрешната финансиската контрола, но претстои период на поконкретна имплементација со цел Македонија да го достигне нивото на државите од регионот кои се членки на Европската унија, истакна вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески на денешната конференција за внатрешна финансиска контрола.
На конференцијата, на која беше презентирана Стратегијата за внатрешна финансиска контрола за следниот тригодишен период, вицепремиерот Ставрески нагласи дека во изминатиот период е постигнато многу односно воспоставена е правна и институционална рамка, а зголемен е и бројот на единици за внатрешна ревизија за шест пати, поточно од 24 сега има 150 единици на централно и локално ниво. Околу 70 отсто од институциите на локално и централно ниво основале независни единици за финансиски прашања согласно Законот за јавна внатрешна контрола.
- Во изминатата година во рамки на Министерството за финансии е формирана и финансиската инспекција што е уште еден сегмент во склопот на активности за подобро управување со јавните финансии. Верувам дека со ентузијазмот и квалитетот што го имаме во рамките на финансиската инспекција ќе ја оствариме целта, односно Република Македонија да биде пример за добро управување со јавните средства, рече Ставрески.
За да се постигне тоа, според Ставрески, значајни се и надворешната контрола и Парламентот соодветно да го следи буџетот и неговата реализација.
- Следниот период е фаза во која што задачата што е пред нас не е полесна отколку онаа што беше претходно. Преоѓаме во фаза на поконкретна имплементација на она за што досега доста време потрошивме, да се подготвиме и обучиме и да стекнеме искуства. Не дека и досега тоа не се правеше, но сега веќе треба посериозно да се направи исчекор во таа насока, рече Ставрески, додавајќи дека со заедничка работа на сите инволвирани страни може да се постигне прогрес и Македонија да биде на ниво на успешните држави од регионот.
Тригодишната стратегија за внатрешна финансиска контрола ја дава рамката во која ќе се движат реформите во следниот период.