Отворен нов училишен објект во општина Петровец
Во општина Петровец денеска е пуштена во употреба новата модерна училишна зграда на Основното општинско училиште „Кочо Рацин“, инвестиција за која Владата и Општината издвоија 80.000.000 денари.
На пуштањето во употреба на училиштето присуствуваше премиерот Никола Груевски кој истакна дека изградбата на ова училиште беше една од најважните потреби на граѓаните со оглед дека старото училиште било изградено пред повеќе од 50 години, во 1963 година.
- Новото училиште ги задоволува сите просторни, педагошки, технолошки и енергетски потреби на објекти од ваков карактер. Младите имаат ново модерно училиште, а наставниците одлични и современи услови за работа, рече премиерот Груевски.
Тој воедно потсети дека изградбата на ова училиште е само едно од многуте проекти кои во изминатиот период се реализирани во општина Петровец, како што се фудбалски игралишта, повеќенаменски спортски и тениски игралишта, изградба и реконструкција на патишта, во тек е изградба на канализациона мрежа, како и изградбата на новата трафостаница во Петровец која обезбедува стабилно напојување со електрична енергија.
- Она што е најважно за граѓаните тоа се вработувањата. Во овој сегмент тука во Петровец е индустриската зона „Чојлија“ која како ретко која друга во државата во моментов е целосно распродадена. Вкупно 77 парцели се целосно распродадени, а покрај домашни компании имаме и добар дел странски инвеститори од Италија, Турција, Словенија, Холандија и Албанија. Веќе се градат неколку објекти, а тие носат и нови вработувања, рече Груевски.
Тој посочи дека поради големиот интерес кај инвеститорите оваа зона ќе се прошири со нови 30 хектари.
- Така се работи за доброто на државата, така се сака Македонија. Со нови училишта, со нови спортски сали, со нови патишта, со нови апарати во здравството..., со нови фабрики и нови работни места. Тоа е она што ние знаеме да го правиме и на тој начин продолжуваме и понатаму, истакна премиерот Груевски.
Пред присутните се обрати и заменик-министерот за образование и наука Спиро Ристовски кој истакна дека во новото училиште ќе ја следат околу 600-ини ученици во две смени.
- Во следниот период МОН планира да изврши комплетна реконструкција и санација на повеќе од 30 училишни објекти во поголем број општини во РМ за што веќе се обезбедени финансиски средства и во процедура се подготвителните градежни активности, рече Ристовски.
Градоначалникот на Општина Петровец Борче Митевски истакна дека изградбата на училиштето е капитален проект од предизборните ветувања на неговата партија ВМРО-ДПМНЕ. Тој нагласи и дека во изминатиот период извршено е реновирање на сите подрачни основни училишта во општина Петровец.
Во ОУ „Кочо Рацин“ во Петровец настава посетуваат ученици од селата Петровец, Ржаничино, Чојлија, Катланово и Огњанци. Училиштетото е опремено со современи кабинети, а за потребите на учениците во функција е и новата спортска сала која е изградена минатата година.