Средба на министерот Мисајловски со кинескиот амбасадор Џеншун
Напредокот на изградбата на автопатите „Гоце Делчев” од Скопје до Штип и „Мајка Тереза” од Кичево до Охрид, како и набавката на новите патнички возови беа дел од темите на денешната средба на министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски со амбасадорот на Народна Република Кина во Македонија Вен Џеншун.
- И двете страни изразија недвосмислена поддршка за реализација на овие два најзначајни инфраструктурни проекти во Република Македонија. Особено потенцираа дека во текот на градежната сезона максимално ќе се засилат градежните активности на двата автопата, соопшти по средбата Министерството за транспорт и врски.
Мисајловски се заблагодарил за поддршката која Владата на Народна Република Кина ја дава на македонската Влада во поглед кон зацврстување на билатералните односи со фокус на економските односи кои се од стратешки интерес за прогресот на македонската економија. Ги потенцирал добрите политички односи кои се силна гаранција за економската и трговска соработка и истакнал оти НР Кина има важна улога во развојот на регионот посебно во делот на патната и железничката инфраструктурата, енергетиката, ...
Министерот за транспорт нагласил дека Македонија е активен поддржувач на економските политики што ги спроведува НР Кина и оти доказ за тоа е присуството на кинеските компании што работат во државава. Истакнал дела сите компании се добредојдени да инвестираат во Македонија и укажал дека силната поддршка на македонската Влада за странските инвеститори и понатаму останува на истиот курс.
- Нашата цел е во иднина да продолжиме со промоција и јакнење на политичките и економските односи и на можностите за зголемување на трговската соработка меѓу двете земји, навел на средбата министерот Мисајловски.