Работилница за гитара со Влатко Стефановски од 24-ти до 26 јуни во Крушево
Од 24-ти до 26 јуни во Спомен-домот на Тоше Проески во Крушево ќе се одржува работилница за гитара која ќе ја води врвниот гитарист Влатко Стефановски. Курсот е бесплатен за сите кои сакаат да научат повеќе за свирењето гитара.
Работилницата е проект од програмата на Владата на РМ и ќе ја организира продукцијата „Трето уво“. Во план е секоја година да се организираат музички работилници за различни видови инструменти под менторство на афирмирани музичари.
Пријавувањето за првата работилница во Крушево почнува уште денеска и ќе трае еден месец. Заинтересираните може да пополнат апликација поставена на веб-страницата www.krusevoworkshop.mk, каде што се наведени и условите за учество. Нема ограничувања во однос на возраста, важен е нивниот ентузијазам и желбата да свират гитара. На сите кандидати ќе им се одговори дали се примени или не на работилницата.
Министерката Елизабета Канческа-Милевска на прес-конференција истакна дека работилниците ќе овозможат Спомен-домот на Тоше да стане регионален центар за млади музичари од цела Југоисточна Европа, каде долгорочно музички ќе се усовршуваат и едуцираат млади музичари.
- Младите музичари ќе имаат можност три дена да работат со својот ментор, а резултатите од нивната заедничка работа ќе бидат презентирани на завршен концерт кој ќе се одржи на платото пред Спомен-домот каде младите гитаристи ќе имаат можност да настапат заедно со Влатко Стефановски. Сето она што ќе се случува на работилниците ќе биде регистрирано со најпрофесионална опрема, а од снимениот материјал ќе биде изработен и документарен филм, рече Канческа-Милевска.
Влатко Стефановски истакна дека идејата ја прифатил без да размислува затоа што ова му е прва покана во Македонија, по голем број одржани мастер-класи низ светот - во Лос Анџелес, Лондон, Париз, Ново Место во Словенија, Белград, Загреб... Задоволство му е и што тоа ќе биде Крушево со кое, како што рече, е емотивно и професионално врзан, зашто често го посетувал, а таму настанал и неговиот албум „Крушево“.
Стефановски нагласи и дека е значајно што курсот е бесплатен, што не е случај во светот каде се плаќа и мошне висока цена за учество.
- Во тинејџерските години кога учев гитара, вакво нешто беше невозможно, барем не во средината каде што јас живеев. Ова е пружање шанса. Не мора да се професионални гитаристи, ниту аматери, може да се ентузијасти кои сакаат гитарска музика, да дојдат и да слушаат нешто што е интересно и не можат да го слушнат секој ден. Таа отвореност на овој проект е она што најмногу ми се допаѓа. Сите се добредојдени, додаде Стефановски.
Извршниот продуцент на работилницата, Иво Јанковски од „Трето уво“, искажа задоволство и чест што повторно соработува со својот добар пријател и долгогодишен соработник.
- Кога зборувавме со Министерството за култура, првата помисла за музичар со кого треба да се стартува веднаш беше Влатко, зашто со своите гитарски перформанси, тој е еден и единствен, а ако погледнеме географски, од Париз до Истанбул мислам дека е гитарист без некоја посериозна конкуренција. Неговата исклучителна виртуозност е прифатена и од критиката и од публиката со огромен респект поздравена насекаде во светот. Тој е идол на сите млади гитаристи, не само во ЈИЕ, туку и пошироко, истакна Јанковски.