МНР: Блокадите и заканите не придонесуваат за мир и стабилност во регионот
Во врска со изјавите на странските претставници од соседството и пошироко кои се однесуваат на Република Македонија, цениме дека е корисно да се имаат предвид нашите официјални ставови:
- Стратешка цел на Република Македонија е да се интегрира во ЕУ и НАТО. Тоа е во интерес на сите македонски граѓани, за подобра иднина, економски развој, мир и стабилност во земјата и регионот;
- Меѓуетничкиот соживот и почитувањето на културните, етничките, верските различности и на човековите права се темел на македонското општество и уставно уредување. Сите ние заедно сме обединети за европска иднина на Република Македонија;
- Неопходна е искрена соработка и недвосмислена поддршка од нашите соседи и меѓународни партнери;
- Сите блокади, закани со блокади и изјави за нудење на изговори против наше членство, не се во духот на европските вредности и не придонесуваат за мир и стабилност во регионот;
- Република Македонија ќе продолжи да работи активно на постојано зајакнување на соработката со сите наши соседи и партнери во интерес на напредок во регионот.
Министерство за надворешни работи на Република Македонија