Доделени уште 316 ваучери за таблети за студенти
Вкупно 4.886 студенти досега се стекнаа со право на вредносен ваучер за набавка на таблет преку владиниот проект што го спроведува Министерството за информатичко општество и администрација. Одбиени се 1.701 барање поради повисоки приходи од бараните со повикот на МИОА, а 145 за неисполнување за условот со студиската програма.
Според министерот за информатичко општество и администрација Иво Ивановски, за 542 барања поради погрешно внесени матични броеви, надлежната Комисија почнала постапка за утврдување на точните матични броеви за барателот и членовите на нивните семејства. Веднаш по утврдување на точните броеви и добивање податоци за висината на вкупните приходи на студентот и членовите на семејството, Комисијата ќе утврди дали се исполнуваат условите.
- Вакви примери има повеќе низ Македонија. Ги замолувам студентите да се обратат до службите на факултетите, ако има погрешен матичен број на кој било родител тоа да се корегира и веднаш да се информира МОН за УЈП потоа да направи дополнителна проверка, апелира Ивановски кој денеска додели 140 ваучери за таблети за студенти на Природно математичкиот факултет при УКИМ.
На ПМФ, како што рече Ивановски, аплицирале 205 студенти, од кои 149 се стекнуваат со право за ваучер, 46 студенти се одбиени поради повисоки приходи утврдени и 10 студенти поради погрешно внесен матичен број.
По 4.570-те ваучери што беа доделени минатата недела МИОА денеска додели дополнителни 316, од кои за Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ 206, (140 на ПМФ), за Универзитетот „Гоце Делчев“ Штип 38, Универзитетот „Климент Охридски“ Битола 22, Државниот универзитет во Тетово 38 и приватните факултети 12 ваучери.
Од 4.570 ваучери доделени минатата недела од факултетите се подигнати 3.243 ваучери, од кои досега во продавниците се искористени 1.795.
Ивановски уверува дека сите студенти кои ги исполнуваат условите ќе добијат ваучер за компјутер и апелира оние кои се стекнале со тоа право навреме да ги подигнат ваучерите од факултетите и да извршат набавка за што рокот е до 25 јуни.
Со ваучерите студентите ќе може да набават таблет во која било од 52-те селектирани ИТ фирми чии имиња се објавени на веб страницата на МИОА www.mioa.gov.mk .
Таблет компјутерите се наменети за редовните студенти од трета и од четврта година и за студентите евидентирани како лица со посебни потреби од која било година на студии во учебната 2014/2015 година, на високообразовните установи во Македонија, а кои доаѓаат од семејства со бруто приходи не поголеми од 32.741 денари.
Ваучерите се со вредност од 8.000 денари, а таблет компјутерите студентите може да ги набават најдоцна до 25-ти јуни.