Ставрески: Досега 2.667 лица добиле решенија за тарнсформација на работниот однос
Министерството за финансии издаде согласност за трансформација на договорниот во редовен работен однос на 2.667 лица кои работат во институциите на државата. Мерката напредува солидно, вели ресорниот министер Ставрески кој очекува по докомплетирањето на документацијата околу 3.500 луѓе да добијат редовно вработување.
- Најголем број од нив има во здравството. Околу 1.360 лица, потоа социјалната заштита и детските градинки каде што околу 500 лица им се трансформираше работниот однос. Во образованието имаме 277 лица. По градови, во Скопје имаме околу 1.600, но и значителен број во внатрешноста. На пример во Битола 194, Прилеп 117, Охрид и Тетово по 100, а има и во сите други градови, изјави вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески за ТВ Сител.
Со мерката редовно вработување добиваат луѓе кои во меѓувреме стекнале и над десетгодишно искуство во работењето за државата, а, како што вели вицепремиерот, сега добиваат поголема социјална сигурност.
- Самите лица кои долги години беа во работен однос со определено време, со договор или волонтираа во институциите, а извршуваа значајни работи за тие инситуции сега стекнуваат редовен работен однос, што значи поголема сигурност, стабилност за нив и нивните семејства, а со тоа и поголема мотивираност да работат, вели Ставрески.
Од друга страна, додава тој, со трансформацијата на работниот однос бенефит за државата е што добива искусен кадар со што ќе го подигне квалитетот на работа на институциите.