Отворени две двојни тениски игралишта во склоп на СЦ „Борис Трајковски“
Во рамки на Спортскиот центар „Борис Трајковски“ во Скопје денеска се пуштени во употреба две двојни тениски игралишта, инвестиција вредна 18 милиони денари како дел од проектот на Владата за изградба на 120 тениски игралишта.
Тениските игралишта ги пушти во употреба премиерот Никола Груевски, кој истакна дека со нив се надополнуваат бројните содржини кои ги нуди овој спортски центар, кој е воедно и центар на најголемите спортски и забавни случувања во Македонија. Тој најави и нови инвестиции.
- Денес додаваме уште една тула на големата спортска куќа на РМ. Спортскиот центар „Борис Трајковски“ од денес може и официјално да ги понуди и двата нови тениски терени. Висината на вкупната инвестиција за изградба на овие терени е 18 милиони денари. Љубителите на тенисот добиваат уште едно место каде што ќе може да вежбаат и да го усовршуваат својот талент. Во истата оваа насока ќе биде и следната инвестиција во овој спортски центар, а тоа е изградба на два нови затворени тениски терени од овој тип и еден за падел тенис, кој ќе може да се трансформира и за тенис со седишта за публика од 500 лица, рече премиерот Груевски.
Тој нагласи дека општина Карпош е една од општините која доби најмногу тениски терени во рамки на владиниот проект за изградба на 120 вакви терени. Очекува сите тие инвестиции во спортот да го поттикнат развојот и напредокот во сите спортски гранки и да резултираат со високи спортски достигнувања.
- Она што радува е што сите овие игралишта се посетени од млади луѓе кои рекреативно и професионално се бават со тенис. Порано младите ја немаа таа можност, а тенисот во Македонија се сметаше за спорт на богатите. Таквиот впечаток беше и поради ретките тениски терени и големите трошоци за вежбање тенис. Денес веќе не е така. Денес младите имаат тениски терени се поблиску до своите домови, имаат место каде да го засакаат тенисот, да тренираат и да се надградуваат. Затоа и очекувам Карпош во наредните години да извади врвни тенисери кои се надевам дека ќе се пробијат до врвовите во светскиот тенис и силно ќе ја претставуваат нашата држава, рече Груевски.
Директорот на Агенцијата за млади и спорт Марјан Спасески истакна дека тениските игралишта се изградени по стандардите на Светската тениска федерација со сертифицирана акрилна подлога и со рефлектори за игра во вечерните часови. Оградени се со транспарентна челична ограда, а околу нив се изградени патеки од бекатон. Тој информира дека од 120-те предвидени тениски игралишта согласно владиниот проект, досега се изградени 44, а уште 30 се во фаза на градба и треба да бидат ставени во функција до крајот на летото.
Директорот на Спортскиот центар „Борис Трајковски“ Бошко Перински најави дека од 10 јуни ќе стартува и сезоната на Аква паркот кој функционира во рамки на центарот.