Владата објави оглас за двајца економски промотори во САД и Канада
Владата преку Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот објави оглас за двајца економски промотори во Индијанаполис во САД и Монтреал во Канада.
Заинтересираните кандидати треба да имаат завршено високо образование, работно искуство од најмалку две години, одлично да го познаваат англискиот јазик, а оние што ќе аплицираат за местото економски промотор во Канада треба да го знаат и францускиот јазик. Кандидатите треба да поседуваат вештини за тимска работа и да се подготвени за темелна посветеност, силен ангажман и предизвици во периодот на спроведување на значајни структурни реформи во земјата и остварување на политиките на Владата на Република Македонија.
Предност ќе имаат оние кандидати кои имаат работно искуство во соодветната земја или го стекнале образованието во таа држава, како и оние што одлично го познаваат официјалниот или деловниот, односно еден од јазиците од говорното подрачје на земјите за која аплицираат.
Владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев денеска изјави дека целта на Владата е да се изберат најспособните и најквалитетните кандидати и да им се даде шанса и можност да учествуваат во економскиот развој на Македонија, во отворањето на нови фабрики и на нови работни места.
- Повикот е отворен за секого. Единствен критериум за избор ќе биде севкупниот квалитет кој ќе го покаже кандидатот, неговата способност за работа, иницијативноста, идеите кои ги има, како и способноста да го промовира производот кој го нуди нашата земја, кој во оваа смисла се најниските трошоци и пакетот на поволности за отворање и водење бизнис во Македонија. По собраните поднесоци и нивната обработка, ќе следуваат и непосредни интервјуа со кандидатите и преку фазите на селекција ќе бидат избрани најдобрите кандидати, истакна Ѓорѓиев.
Во огласот се нагласува дека сите кандидати имаат еднакви шанси да бидат избрани.
Кандидатите задолжително треба да се достават мотивациско писмо со максимум 500 зборови, како и кратка биографија на е-маил адресата ekonomski_promotor@investinmacedonia.com или на адресата на Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот на ул. „Никола Вапцаров“ бр.7, 1000 Скопје.
Рокот за пријавување е до 19 јуни годинава.