Груевски: Важна ни е стабилноста, граѓаните пак ќе ја одберат оваа опција
Премиерот Никола Груевски прифатил предвремени избори заради стабилноста на државата и, како што изјави, да не продолжи агонијата до 2018, со ширење омраза, со раскарување на граѓаните, создавање неизвесност, страв меѓу луѓето, меѓу инвеститорите, бизнис заедницата и кај компаниите кои отвораат нови работни места.
- За мене многу поважно е стабилноста на државата, стабилноста и сигурноста на граѓаните, сигурноста на бизнисот, сигурноста во отворањето нови работни места кои не смееме да дозволиме да запрат. Со вчерашната наша реакција покажавме и сигурност во ставовите на граѓаните во правец на нашата поддршка, во поддршка на нашите политики, реформи, проектите кои ги ветуваме и реализираме, на зголемувањето на платите, пензиите, социјалната помош, отворањето илјадници нови работни места како никогаш досега, привлекување нови компании - и од земјата и од странство, поддршката на земјоделците, инвестициите во здравството, во образованието и во сите други сфери, истакна Груевски во изјава за телевизија Сител.
Тој додаде дека вчерашниот нивни чекор е покажување и сигурност во уверувањето дека ВМРО-ДПМНЕ повторно ќе добие довербата од граѓаните.
- Цврсто сме убедени дека граѓаните ќе ја одберат повторно оваа опција, а не опцијата на деструктивност и на ширење на омраза. Нема да ја одберат опцијата со која се сака да се нанесе штета на државата заради партиски или личен интерес на некој да дојде на власт. Таа опција повторно ќе биде поразена, изјави премиерот Груевски.