Владиниот тим задоволен од интересот на компаниите на роудшоуата за инвестирање во Македонија
Премиерот Никола Груевски попладнево во Хаг изјави дека генерално е задоволен од случувањата на бизнис форумите и интересот на странските компании за инвестирање во Македонија во рамки на роуд шоуата, како и од учеството на 20. Конгрес на Европската народна партија во Марсеј, Франција.
Според Груевски, овие роудшоуа, се корисни, бидејќи, многу луѓе прв пат слушаат за Македонија и за тоа како може да се направи бизнис и кои се условите за тоа.
- Некои од нив се шокирани во позитивна смисла од позитивните можности за правење бизнис во Македонија. Се сретнуваме со секој што бара средба, без никавка селекција. Покажуваме огромна отвореност и можност за директен пристап до властите, што не секаде и во секоја држава може да го добијат. Покажуваме отвореност што е и целта на моето присуство, односно испраќаме сигнал дека не само некои од институциите, туку и членовите на владата и премиерот директно се заинтересирани да им помогнат на странските инвеститори да дојдат во Македонија, рече Груевски.
Тој потсети дека презентациите на можностите за инвестирање во Македонија започнаа со Њујорк и Детроит каде, како што вели, имаше огромен интерес, следеа Лондон, Виена, Минхен и Дизелдорф, потоа Токио, Осака и Сингапур а за завршуваат со посетата на Брисел и Хаг. Турција, додаде, иако била планирана да се посети во рамки на роуд шоуата годинава, во договор со турските власти е одложена за втората половина од јануари следната година.
Владината делегација предводена од премиерот Груевски во чиј состав се и економските министри, по Брисел и Хаг, е задоволна од сработеното и е оптимист за уште поголемо продлабочување на македонско-холандската и на македонско-белгиската економска соработка и трговска размена. На бизнис форумот во Хаг, како што рече Груевски, присуствувале 70-тина компании, а според организаторот со кој премиерот оствари средба, се работи за голем интерес за инвестирање во Македонија од страна на холандски компании.
- Следува серија средби во Хаг со различни компании кои имаат интерес да инвестираат во Македонија. Станува збор за околу осум компании кои треба да ги сретнам поединечно и кои се најзаинтересирани во иднина да направат бизнис во Македонија, додаде Груевски.
Информираше дека синоќа во холандскиот град се сретнал со седуммина бизнисмени, меѓу кои и со претставникот на туристичката компанија Корандон, една од двете агенции кои носат туристи од Холандија во Македонија, а кој најавил за следната година уште поголем број холандски туристи во Македонија.
- Само минатата година тие донеле околу 19 илјади туристи, а за следната година очекуваат 20 илјади. Очекувам интересот на холандските туристи за Македонија да расте во иднина, изјави Груевски.
Минатата година ова време, како што рече, од Корандон имале потврдено само седум резервации, додека годинава истиот период има 3.000 потврдени резервации од страна на холандски туристи кои следната година ќе ја посетат Македонија.
- Ќе продолжиме да работиме, да го стимулираме нивното доаѓање, затоа што тоа е во нашите приоритети. Овие туристички компании се и добра реклама за Македонија. Само Корандон минатата година имаше илјадници реклами на холандските телевизии за нашата земја, што за нас е бесплатна реклама, рече Груевски.
Премиерот рече дека има заинтересирани компании во Холандија од повеќе сектори, без да прецизира повеќе детали, поради како што вели, познатата деловна логика да не се изнесуваат податоци до конечните одлуки на компаниите за инвестирање.
- Се надевам дека набрзо, кога ќе имаме нешто по конкретно и ќе може да ја израдуваме македонската јавност и оние кои очекуваат нови работни места, додаде премиерот.
Во изминатите денови во Брисел и Хаг, премиерот се сретна и со повеќе компании од автомобилската индустрија, машинско инженерство и земјоделство кои се сериозно заинересирани за остварување инвестиција во Македонија. Најавена е и посета од страна на претставници на тие компании во Македонија идниот период, каде треба да се направат и дополнителни анализи за отворање на нивни бизниси, што значи влегување во уште подлабока фаза од процесот.
Осврнувајќи се на конгресот на ЕПП, премиерот рече дека во Марсеј остварил средба со повеќе негови колеги кои ги информирал за состојбите во Македонија и очекувањата на земјата по пресудата од Меѓународниот суд на правдата во Хаг.
- Во Марсеј на Конгресот на ЕПП чиј член е и ВМРО-ДПМНЕ имав можност да се сретнам со повеќе премиери и претседатели и да разговараме околу состојбите во Македонија, односно очекувањата на земјата, особено по пресудата од Судот во Хаг и околу европските случувања за кои сите се загрижени и чувствуваат голема опасност во однос на еврото, што беше генерално главната тема на конгресот, изјави Груевски.
Лидерите на најмоќните земји, потенцираше премиерот, на Конгресот зборувале отворено дека еврото и еврозоната се во опасност и тие силно се фокусирани на тоа, што всушност било и главна тема на настанот.
- Но, ја искористив можноста во различни формални и неформални средби да ги брифирам за најновите случувања и да побарам во иднина да дојде до поголем фокус на прашањето поврзано со членството на Македонија во НАТО и почеток на преговорите со ЕУ, додаде Груевски.
Во Брисел, истакна, покрај средбата со претседателот на Европската унија Херман Ван Ромпуј, на која станало збор за истите прашања, се фокусирале и на презентација на Македонија пред поголема група бизнисмени.
Претседателот на македонската Влада со македонско-холандскиот бизнис форум, кој попладнево се одржа во Хаг, ја заврши неколкудневната посета на Кралството Белгија, Република Франција и Кралството Холандија.