Мисајловски: Годинава обнова на 46 локални патишта во 36 општини
Од населбата Стопански двор во Општина Ѓорче Петров денеска е пуштен во употреба локален пат кон село Свиларе во должина од 786 метри и 4 метри широчина, како и пат кон локалните гробишта долж 284 метри и широк 7 метри. Вкупната инвестиција изнесува 81 илјада евра.
Во текот на оваа година, според министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски, ќе се обноват нови 46 локални патни правци во 36 општини со должина од 57 километри, за што инвестицијата ќе изнесува 7,20 милиони евра.
На пуштањето во употреба на патиштата во Ѓорче Петров министерот Мисајловски истакна дека со инвестиците во инфраструктурата ќе се подигне квалитетот на урбаното живеење. - Придобивките од оваа инвестиција се повеќекратни. Овој дел од општина Ѓорче Петров го правиме уште поатрактивен за живеење. Крајната цел на Владата, посочи, е да создаде квалитетни услови за живеење во урбаните заедници и преку реконструкција и изградба на вакви патишта да придонесе за економски раст и развој на општините, рече Мисајловски.
Тој верува дека со инвестицијата ќе се зголеми интересот за изградба на објекти за индивидуално домување во Стопански двор што би значело и поголем прилив на средства за општината.
Мисајловски информира дека привршуваат и градежните работи на улицата 51 клучка Стопански двор во должина од 1,2 километри за што инвестицијата изнесува 32 милиони денари. Оваа Влада, рече Мисајловски, преку општината помогна да се изгради фекална канализација во населба Кисела Јабука и Стопански двор, водовод за секундарна мрежа во село Волково, населено место Црквиште, како и водоводна мрежа во реонот во село Волково-Пржино.
Министерот за транспорт потсети дека досега актуелната Влада спровела проекти за изградба и реконструкција на 360 локални патишта во должина од 692 километри, инвестиција од 57,2 милиони евра. Обновени се и 39 регионални патишта и 5 автопатски делници со вкупна должина од 500 километри. Во тек е изградба на три нови автопатски делници со вкупна 132,2 километри, како и изградба и обнова на четири регионални и магистрални делници во должина од 52 километри. Во фаза на подготовка за почнување обнова се 11 регионални патни правци со вкупна должина од 158 километри.