Во Вроцлав Јолевски ја презентираше позицијата на Македонија во однос на Алијансата пред високи претставници на САД
Министерот за одбрана Зоран Јолевски денеска во рамки на вториот ден на Глобалниот форум во Вроцлав, Полска, остварил значајни одвоени средби со американскиот генерал Џејмс Џоунс и со Стивен Хедли, советници за национална безбедност на претседателите Барак Обама и Џорџ Буш, како и со Дејмон Вилсон, потпретседател на Атлантскиот совет на САД.
На средбите, соопшти денеска Министерството за одбрана, министерот Јолевски ја истакнал потребата Република Македонија да ја оствари зацртаната цел, членството во Алијансата.
- Со зачленувањето на Македонија и на Црна Гора, како и со поместување на процесот за членство за Босна и Херцеговина, НАТО ќе влијае на унапредување и зацврстување на мирот и безбедноста во Југоисточна Европа, истанал министерот Јолевски.
Тој посочил дека НАТО и Македонија ги споделуваат истите вредности.
- Македонија ги исполни сите критериуми уште во 2008 година и се однесува како де факто членка на Алијансата. Пример за ова е учеството во повеќе досегашни мисии, меѓу кои и „Слобода за Ирак“, ИСАФ и „Одлучна поддршка“, која трае во моментов, како и логистичката поддршка КФОР Мисијата, истакнал Јолевски.
Како што соопшти МО, соговорниците дале целосна поддршка за прием на Македонија во Алијансата, а генералот Џонс, инаку поранешен Командант на Американската команда за Европа, се задржал и на професионалноста на македонските војници и старешини, како и нивните способности и капацитети.
Министерот Јолевски вчера остварил средба и со сенаторката Џеан Шахен, копретседател на Комитетот за надворешна политика на американскиот Сенат. Притоа, стои во соопштението од МО, биле раменети мислења за глобалните геополитички состојби, кризата во Украина, заканите по светскиот мир кои доаѓаат од кофликтот во Сирија и Ирак. Се разговарло за состојбите во нашиот регион, аспирациите за интеграција на Македонија во НАТО и ЕУ.
- Македонија и македонските граѓани, поддржани од политичките партии јасно дадоа и даваат до знаење дека местото на државата е рамо до рамо на заедничка маса во седиштето на НАТО со нашите пријатели и партнери од Алијансата, стои во соопштението од МО.