Изработена документација за 1.350 метри нови плажи во Дојран
На 22 јуни годинава завршува јавниот повик за изградба на дополнителни 2.800 метри патека околу Дојранското езеро како продолжение на веќе изградената од 2.600 метри, а изработена е и проектна документација за 1.350 метри нови плажи, соопшти денеска министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски.
На работната средба со градоначалникот Борче Стамов во Дојран, Мисајловски најави дека проектот за патеката предвидува целосно осветлување и хортикултурно уредување. Вкупната инвестицијата е 32 милиони денари.
Како што соопшто Министерството за транспорт, фокус на состанокот беше и објавениот оглас за продажба на 17 градежни парцели во општина Дојран од кои 15 се наменети за изградба на викенд-куќи во населбата Калдрма во Нов Дојран, една е за изградба на комерцијален објект, исто така во населбата Калдрма, а една е за комерцијален објект во туристичката населба Сарач.
Почетната цена за парцелите наменети за викенд-куќи изнесува 61 денар за метар квадратен, а за комерцијалните објекти 500 денари за метар квадратен.
- Министерството за транспорт и врски во изминатиот период направи многу за подобрување на квалитетот за живеење во Општината преку подобрување на патната инфраструктура, комуналниот сектор и секако туризмот. Реализираме проекти преку кои сакаме на Дојран да му го вратиме стариот туристички дух, да го развиваме како атрактивна туристичка дестинација, да ги задржиме домашните туристи, но и да привлечеме што повеќе странски туристи, изјави Мисајловски.
Во делот на патната инфраструктура министерот најави дека ова лето ќе почне рехабилитацијата на регионалниот пат Нов Дојран-Николиќ во должина од околу шест километри. Финансиските средства се обезбедени. Се очекува градежните работи да траат шест месеци.