Груевски: Во јули почнува изградбата на патот Битола-Ресен до превојот Буково
Патот Битола-Ресен до превојот Буково е во завршна фаза на подготовки за негова реализација. Се прибраат понудите и се врши евалуација. Некаде за две до три недели од сега би требало да биде потпишан договорот за негова изградба, а потоа, во втората половина на јули ќе почне изведување на градежните работи. Тоа е наше ветување и ние се придвижуваме кон реализација на тоа ветување, истакна премиерот Никола Груевски за време на денешната посета на Ресен.
Претседателот на Владата на Република Македонија Груевски го појасни и процесот на изградба на социјални станови за лица приматели на социјална помош во Ресен и други македонски општини.
- Во овој момент се завршени и се чека на технички прием на 43 станови, од кои 25 се во Демир Хисар и 18 во Ресен. По завршувањето на техничкиот прием ќе следи електронската распределба на овие станови. Исто така, во тек на градба се и до крајот на годината ќе бидат завршени уште 75 станови во Прилеп и 10 во Македонски Брод, со што одиме кон бројка од приближно 800 завршени станови од групата на социјално ранливи граѓани, како дел од нашите ветувања што ги исполнуваме, потенцира Груевски.