Пуштен во употреба реконструираниот пат Елешец - Елшани

Прeмиерот Никола Груевски и градоначалникот на општина Охрид Никола Бакрачески денеска ги пуштија во употреба реконструираниот пат Елешец - Елшани и водоснабдителниот систем  во село Елшани.

Патот Елшани – Елешец е во  должина од  2.258 метри и инвестиција од 7.610.240 денари, додека водоводниот систем во селото Елашни чинел над два милиона денари.

Според Груевски, реконструкцијата на патот било едно од најчестите барања на жителите. - Барањето беше сосема на место со оглед на тоа како изгледаше патот претходно. Информациите говорат дека на патот не е интервенирано од 80-тите години, а доказ за тоа беше очајната состојба во која се наоѓаше во изминатите години, рече Груевски.

Разлика, забележа премиерот, има и во водоснабдувањето.

- За разлика од претходно кога функционираше старата мрежа и стариот резервоар за вода и кога токму во летните периоди имавте проблем со слаб притисок и немање вода, ова лето не би требало да ги имате тие проблеми. Во изминатиот период се изгради новиот водоводен систем со нов резервоар за вода со капацитет од 100 метри кубни и нова водоводна мрежа во должина од 2.200 метри, истакна Груевски.

Со тоа, оцени, решен е уште еден проблем на граѓаните и уште еден проект успешно е реализиран.

Покрај локалниот пат Елшани – Елешац изминатите години, потсети Груевски, во охридскиот регион направен е и патот за манастирот „Света Недела“ кај Оровник, изградена е обиколницата на Охрид, локален пат за Велгошти пат од Лескоец до Скребатно.

- Нашите инвестиции во патната инфраструктура во Охрид и околината ќе продолжат и во наредниот период. Течат активностите за изградба на автопатот  Охрид – Кичево, проект кој е од исклучително значење за регионот, туризмот, градежните компании, нови вработувања, рече Груевски.

Значајна инвестиција за овој регион, според него, е и изградбата на експресниот пат Охрид-Пештани, за кој се прави еколошка студија и до крајот на годината се очекува почетокот на неговата изградба.

Во делот на изградба на водоводни канализациски системи, исчистени се каналите Билјанини извори и Свети Наум, во тек е изградба на фекална канализација за Лескоец,  а се планира и изградба на водоводна и фекална канализација за Подмоље. Изградени се пумпни станици во Пештани и Елешец за системот за заштита на Охридското езеро од отпадни и загадени води и почна постапка за изградба  на регионален колектор за одведување отпадни води во Мешеишта.

Владата, нагласи Груевски, активно работи на промоција на туризмот.

- Продолжуваат субвенции за турооператорите за привлекување странски туристи за над 15 земји од светот. Пред неколку дена слета и првиот авион од новата авиолинија Охрид-Лондон која ќе значи нови туристи од Англија, истакна Груевски.

Тој потсети дека работат и на изградба на плажите.

- За плажата во Лагадин склучен е договор со најповолен понудувач и по завршување на летната сезона, некаде во септември се очекува да почнат градежните работи. За плажите во Љубаништа, Даљан, плажата во близина на извидничкиот камп и студеничко блато до хотел „Парк“ изготвени се идејни проекти. Се очекува да се распше оглас за избор на најповолен изведувач и во наредниот период ќе почне да се работи на овие проекти, информира Груевски.

Во делот на здравството потсети дека е реконструирана општата болница Охрид и набавени се современи медицински апарати, а се очекува дапочне реконструкција и адаптација и доградба на болницата „Свети Еразмо“ каде ќе бидат изградени новите простории на Заводот за кардиоваскуларни заболувања во Охрид.

Владата, посочи Груевски, помага во реализација и на културни проекти  меѓу кои реконструкциите на фасадите во црквите „Света Богородица Перивлепта“ и „Света Богородица Заумска“.

- Активно работиме и на привлекување нови инвестиции и отворање нови работни места. Германските компании ODV Електрик и Костал се само пример дека  нашата работа не е залудна, подвлече Груевски.

Градоначалникот Бакраческисе надоврза дека покрај реконструкцијата на патот Елешец – Елшани, во тек е реаизација и на други проекти - реконструкцијата на улицата „Питу Гули“ во  должина од  769 метри, нова  атмосферска канализација на улиците „Сатеска“, „Трајче Трајчески“ и „Мича  Гилиќ“ во  должина од 1.025 метри во населба Воска, по што ќе бидат реконструирани улиците и тротоарите.

 

- Наредната недела ќе почне изградбата на атмосферската канализација на улица „Ристо Чадо“ по што ќе следува нејзина комплетна реконструкција со изградба на тротоари. Со поддршка на Владата и Светска Банка во наредниов период ќе ја реконструираме и улицата „Илија Смически“ во село Лескоец, а ќе го изградиме и  кружниот тек на пресекот на булевар „Туристичка“ со улица „Македонски Просветители“, истакна Накрачески.

 

Тој најави и проекти во образованието и во други области, издвојувајќи ги предизборните ветувања за изградба на затворен пазар и нова автобуска станица.

-   И покрај наследената катастрофална финансиска состојба и правни лавиринти, успеавме да ги почнеме  капиталните инвестиции кои беа предвидени во изборната програма. Почна процесот на реализација на проектите: Затворен зелен пазар, современа автобуска станица, дом за стари лица, затворен пливачки базен. Овие објекти се насушна потреба на Охрид за две, односно четири години ќе бидат ставени во функција, рече градоначалникот Бакрачески.