Осум банки ќе одобруваат кредити за граѓаните во рамки на владиниот проект „Купи куќа, купи стан“
НЛБ Тутунска, Стопанска, Охридска, ТТК, Шпаркасе, Алфа, Прокредит и Стопанска - Битола се осумте банки преку кои граѓаните од идниот месец ќе можат да поднесуваат барања за кредити што ќе бидат субвенционирани со владиниот проект „Купи куќа, купи стан“.
Сите осум банки кои се јавија на повикот, како што изјави денеска вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, доставиле понуди во рамки на предвидените услови, 4,99 отсто каматна стапка во првите три години и до 5,5 проценти во четвртата и петтата година.
- Со ова се создадаени условите за почнување на натамошните активности. Министерството за финансии веќе изготви акциски план кој предвидува при крајот на декември да стартуваат јавните објави со кои граѓаните ќе бидат информирани за можностите за учество во станбените кредити, во кои банки ќе може да аплицираат и кои документи се потребни. Кон крајот на јануари 2012 се очекува да почнат со доставување барања, по што ќе следи нивно разгледување и одобрување, а до крајот на март 2012 се очекува и потпишувањето на првите договори за станбени кредити финансирани со владиниот проект, рече Ставрески.
Субвенционирањето ќе биде на два начина, едниот со половина од месечната рата во првите пет години од отплатата, а вториот со половина од учеството потребно за добивање на кредитот.
Разгледувањето и одобрувањето на барањата ќе го вршат единствено банките. Се уште е тешко да се предвиди колку апликации од граѓаните ќе има. Тоа зависи колку од нив ќе бидат заинтереесирани за едниот или за другиот модел зашто трошоците се различни.
- Нашите очекувања се дека ќе бидат одобрени меѓу 1.500 до 2.500 барања со засега предвидените средства од Буџетот. Ако проектот се одвива според планот и доколку се увиди дека има извонреден интерес, тогаш при евентуално ребалансирање на средствата, доделени ќе бидат дополнителни средстав, објасни министерот.
Во текот на годината ќе има повеќе циклуси за барање кредити, три до четири, со крајни рокови. Базичните правила за учество остануваат исти, цената на станбениот простор не може да надминува 900 евра за метар квадратен, а вкупниот приход ако се работи за самец, немажени/неженети или за двајца брачни другари да не надминува 900 евра месечно.
Одговорајќи на новинарски прашања, Ставрески рече дека сите измени на Буџетот за догодина се доставени во Собранието на Република Македнија. Предложените амандмани се прифатени.