Почнува проектот за обнова на 10 железнички станици на Коридор 10
Со градежни активности за обнова на железничката станица во Прилеп ќе почне проектот за обнова на 10 вакви објекти во Македонија долж железничкиот дел од Коридорот 10 и кракот 10 Д.
Министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски, кој вчера го потпиша одобрението за градење за станицата во Прилеп, очекува активностите во Прилеп да почнат следната недела. Покрј во овој град комплетно нов изглед треба да добијат и железничките станици во Велес, Битола, Гевгелија, Богомила, Чашка, Табановце, Демир Капија, Градско и Неготино – Вардар.
- Се работи за инвестиција од 2,2 милиони евра. Почнуваме од Прилеп, а потоа како ќе се добиваат одобренијата за градење ќе продолжиме низ цел Коридор 10. За една година цел Коридор 10 ќе има нови и модерни железнички станици, изјави министерот Мисајловски при денешната посета на Општина Аеродром.
Железничките станици, потенцира Мисајловски, ќе станат подостапни за сите граѓани кои користат железнички сообраќај.
Проектот на Министерството за транспорт и врски опфаќа целосна реконструкција на сите главни елементи на станиците. Според најавите, целосно ќе бидат заменети крововите и подовите, ќе се санираат фасадите и внатрешните ѕидови, ќе биде поставена нова термичка изолација и ќе се изградат нови тоалети. Комплетно ќе се смени водоводната и електричната инсталација – вклучувајќи ги и внатрешното и надворешното осветлување, ќе се постават системи за греење и ладење, за противпожарна заштита, патнички информативен систем, како и подобрување на пристапноста за товарен транспорт и достапност и поврзување со патниот транспорт. Ќе се подобри и пристапноста за лицата со намалена подвижност.
Во тек се активности за обнова и на Железничката станица во Скопје, за што инвестицијата е 2,9 милиони евра.