Одбележан „Денот на македонските студенти 11 Декември“ и 65 години од постоењето на студентскиот парламент
Студентите при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје денеска во присуство на министерот за образование и наука, ректорот Велимир Стојковски, проректори, декани и професори, го одбележаа „Денот на македонските студенти 11 Декември“ и 65 години од постоењето на студентскиот сојуз, сегашен студентски парламент.
Заедничките заложби, потенцира во обраќањето по овој повод министерот Кралев, придонесоа за создавање модерен образовен систем, кој денес е резултат на партиципирање на студентите во сите високообразовни институции, како активни учесници во иницирањето на образовните реформи во Република Македонија. Тој најави понатамошна соработка со студентската организација во насока на задоволување на потребите на студентите и нивно побрзо вклучување во севкупниот развој на државата.
Како дел од заложбите за подобрување на студентскиот стандард, Кралев ги спомена изградбата на комплетно нова зграда во студентскиот дом „Стив Наумов“, монтирањето на нови бараки во „Невена Георгиева Дуња“. Се осврна и на измените во Законот за високо образование, како дел од сето она што се прави за поддигнување на образовното ниво на граѓаните на Република Македонија, со што ќе влезе во групата земји со висок процент на високо образовани кадри.
Според него, досегашните економски анализи,укажуваат на фактот дека зголемувањето на бруто општествениот производ на државата е во корелација со зголемување на образовното ниво на граѓаните.
- Согласно владиниот проект за превод и печатење книги и учебници од кои се учи на врвните универзитети, министерството продолжува со дистрибуирање и промоција на 1.000 стручни, научни книги и учебници, со што им се овозомжува на студентите збогатување на своите знаења со најнови содржини од областите во кои се усовршуваат и надоградуваат, рече министерот за образование и наука.
За ректорот Стојковски една од поважните цели на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје е развој и унапредување на квалитетот во образованието, како и грижата за студентскиот стандард. Говорејќи за досегашните заложби и реализирани проекти, тој информира дека се очекува најдоцна до март идната година сите студенти да добијат електронска картичка - индекс.
- Изработена е и техничката документација за изградба на 20 пристапни рампи на објектите на универзитетот за студентите со посебни потреби, рече меѓу другото ректорот Стојковски. Тој додаде оти „Св. Кирил и Методиј“ е единствениот универзитет во државата, но и пошироко, кој овозможува осум меѓународни студиски програми.
Горди сме, потенцира претседателот на студентскиот парламент Иван Живковски, што во периодот кога се случуваат големи реформи во високото образование, ние како студенти имаме можност за активно учество во нивното креирање и реализација.
- Штитењето и остварувањето на правата на студентите во сите сфери преку механизми кои ни се на располагање се нашиот приоритет, рече тој, додавајќи меѓу другото дека обединети ќе остварат многу идеи, ќе реализираат уште многу проекти и ќе ги надминат сите разлики кои досега, подвлече, пробуваа да не спречат.
- Ние сме иднината на нашата земја, оние кои треба да го креираат и развиваат патот по кој ќе продолжат да се движат идните генерации, е пораката која ја упати претседателот на студентскиот парламент Живковски.
Свеченото одблежување на Денот на македонските студенти беше збогатено со музички настап на студентите од Факултетот за музичка уметност.