Со проектот „Портокалов плик“ од догодина ќе бидат опфатени сите осигуреници на Фондот за ПИОМ
Од април наредната година сите осигуреници на Фондот за пензиско инвалидско осигурување на Македонија ќе добиваат известувања за состојбата со остварениот пензиски стаж и плати. Овие податоци на осигурениците треба да им помогнат навреме да си ги комплетираат потребните документи за да можат подоцна кога ќе ги исполнат условите побрзо и поедноставно да добијат решение за пензија.
Досега вакви известувања добиваа осигурениците на Фондот за ПИОМ во пет града во Македонија каде се проведуваше пилот проектот насловен „Портокалов плик“ со кој беа опфатени 28.967 осугуреници. Врз основа на анализите и постигнатите резултати се дошло до заклучок дека проектот ги дава очекуваните резултати поради што е одлучено тој да се применува за сите корисници на Фондот за ПИОМ.
- Според направените анализи од реализација на овој проект се утврди дека од вкупно доставените известувања, над 6.200 или 21 отсто од вкупно известените осигуреници се јавиле или директно се обратиле во соодветната филијала на Фондот на ПИОМ за комплетирање на податоците за стаж и плати. Од овој број за 4.000 осигуреници на лице место било извршено разрешување на некомплетноста на податоците за стаж или плати што укажува дека услугата од страна на филијалите е ефикасна и квалитетна, изјави денеска на прес-конференција министерот за труд и социјална политика, Спиро Ристовски.
За останатите, како што рече, била потребна дополнителна постапка за комплетирање на стаж, што ќе се реши по размена на податоци по службена должност. Во тие случаи се работело за стаж навршен во друга држава или правен субјект кој веќе не постои.
Министерот Ристовски најави дека од крајот на наредната година ќе се овозможи електронски пристап на секој осигуреник за увид во состојбата со пензискиот стаж и платите што, како што рече, ќе значи поефикасен и побрз пристап до личните податоци.