Нови 500 самовработувања со грантови за сопствен бизнис
Петстотини досега невработени лица ќе можат да се вработат преку отворање сопствени компании со помош на грант средства од Програмата за самовработување.
Тие денеска ги добија решенијата за завршени обуки и програма со кои им се овозможува добивање на овие средства преку Агенцијата за вработување на Република Македонија.
- Сите лица кои досега беа невработени набрзо ќе ги регистрираат своите „старт ап компании“, своите мали бизниси и ќе добијат грант средства во висина од 201 илјада денари за набавка на опрема и репроматеријали. Дополнително ќе можат да ги користат и поволностите од проектот Македонија вработува и да добијат ослободување од плаќање придонеси од 3 до 5 години, рече по доделувањето на решенијата министерот за труд и социјална политика Диме Спасов.
Ова, додаде, е значителна поддршка на државата за формирање и развој на малите компании кои, како што посочи, треба да го придвижат економскиот развој на Македонија.
Изминатиот период од кога е воведена програмата за самовработување со грант средства, од 2007 до 2014 година, информира Спасов, вкупно се основани 6.775 приватни компании со над 70 проценти успешност, а секоја петта компанија го има зголемено бројот на вработени.
Министерот за труд исоцијална политика најави дека, по денешното завршување на првиот, на почетокот на октомври ќе се финализира вториот дел од Програмата за самовработување, уште 460 лица да се вработат за 2015 година.
Директорот на АВРМ Влатко Поповски информира дека за оваа година за Програмата се издвоени 200 милиони денари, оти 32 најиновативни бизниси ќе добијат дополнителни средства до износ од 240 илјади денари, како и дека во Скопје пет занаетчии ќе добијат можност за беслатен деловен простор, бесплатно сметководство и грант од 5.000 евра.
- Идејата е со оваа програма да им помогнеме на сите оние кои имаат бизнис идеја, а немаат средства да ја реализираат да го направат тоа. Не само да отворат фирма, а да не знаат што понатаму, туку да им се помага со обуки како тој да се води и да се развива. Во наредните две години ќе им се помага со техничка помош во развој на бизнисот и користење на предностите што ги нуди Владата, рече Поповски.
Дополнително, додаде тој, сите основачи на компании кои денеска добија сертификати, кои се над една година на евиденција, и досега немаат формирано компанија, ќе бидат ослободени од персонален данок во рок од 3 години, право што им следува согласно Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност.
Тој информира дека од 500-те лица кои денеска добија сертификати има разни профили - стоматолози, фризери, козметичари, лимари, автолимари, автомеханичари, електричари, градежни работници, буквално речеиси од секој домен, има бизнис планови за продавници за здрава храна, филигран и други занаети и услужни дејности.