Цветков: Ќе се субвенционираат 50 проценти од каматата за ИПАРД проекти
Педесет проценти од каматата за сите кредити за инвестиции на земјоделците финансирани со ИПАРД програмата ќе ги покрива Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство преку Програмата за рурален развој, одлучи Владата на последната седница.
Според министерот за земјоделство Михаил Цветков, со ИПАРД прогрмата со 75 проценти ќе се кофинансираат проектите на земјоделците од општините Могила, Новаци и Босилево зафатени со поплавени од почетокот на годинава.
Каматните стапки во комерцијалните банки се високи и се движат од 4 до 8 проценти, а профитот во земјоделството не е значително голем. Со субвенционирањето земјоделците ќе треба да плаќаат од 2 до 4 проценти камата што сметаме дека е солидна и ќе може да ја враќаат, рече денеска на прес-конференција министерот за земјоделство Михаил Цветков.
Следната недела, најави, ќе биде распишан трет оглас за користење средства од ИПАРД 1 програмата од која преостануваат уште 29 милиони евра. До крајот на годинава на располагање се 18 милиони евра за кои на огласите во октомври лани и во мај годинава се пријавија 1.200 земјоделци со апликации во вредност од седум-осум милиони евра. Останатите 11 милиони евра од ИПАРД 1 ќе може да се искористат до крајот на 2017 година.
Третиот оглас се однесува за мерките 101 и 103 со кои може да се аплицира за финансирање проекти за подигање сточарски фарми, овошни и лозови насади, набавка на механизација, системи капка по капка, откупно дистрибутуивни центри, млекари, винарии....
- Апелирам најсериозно да го сфатат овој оглас бидејќи средства има. Овие 29 милиони евра ќе бидат со кофинасирање од 75 проценти од ИПАРД фондовите за општините кои беа зафатени од поплавите од почетокот на годината, односно за општините Могила, Новаци и Босилово за сите апликации, а во останатите 40 општини само за оние земјоделци кои имаат пријавено штети до Комисијата за штети. Поволностите се многу големи со оглед дека 75 проценти ќе бидат кофинасирани од ИПАРД фондовите, рече министерот Цветков.
Со оглед дека земјоделците немаат сопствени средства за предфинансирање на проектите за кои подоцна добиваат пари од ИПАРД фондовите формиран е гарантен фонд со кој ќе им се помогне на земјоделците да можат да користат банкарски средства при што 50 проценти од хипотеката ќе им ја покрива државата, но само за проекти до 500.000 евра. Гарантниот фонд се очекува да профункционира од октомври годинава.
Според Цветков, целта е договорите за ИПАРД 1 да бидат потпишани до август 2016 година со што практично ќе заврши ИПАРД 1, услов за почнување на ИПАРД 2 програмата.
- За проектите од претходните два огласи има околу 1.200 апликанти, во октомври лани имавме 400, а во мај 800, што значи дека заинтересираноста кај земјоделците е се поголема. Најголем дел од апликантите се за механизација, а има и за преработувачки капацитети. Се надевам дека сега интересот ќе биде многу поголем имајќи предвид дека кофинансирањето ќе биде 75 проценти и сметам дека земјоделците ќе треба да ја искористат оваа мерка, рече Цветков.
За подготовка на апликации за проекти на земјоделците им се на располагање 80 експерти распоредени во 34 подрачни едиици на МЗШВ. Донесена е и посебна мерка со која ресорното Министерството ќе изработи готови проекти што ќе ги понуди на земјоделците преку подрачните единици. Ќе се изготуваат типски проекти за фарми за крави, свињи, за шталско чување овци, за бројлери...