Ставрески: Намалените казни значајни за малите и средните фирми
Намалувањето на казните за домашните компании заедно со многу други донесени мерки ја прави Македонија една од земјите со најдобра бизнис клима во Европа и овозможува и понатаму македонското стопанство да остварува добри резултати, оцени денеска вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески.
Со намалените казни за фирмите, укажа, се исполнува големо ветување од Владата кон домашните фирми и се придонесува за натамошно подобрување на нивниот амбиент за работа. Драстично се намалуваат казните за фирмите, што, пред се, е значајно за малите и средните претпријатија.
- Кај малите фирми казните ќе бидат пониски шест до седум пати во однос на досегашните, а кај средните два до четири пати пониски од досегашните, што значи дека казната доколку мора да се изрече нема да влијае значајно врз работењето на фирмите, изјави Ставрески, одговарајќи на новинарски прашања при посетата на Сојузот на стопански комори.
Целта на казните, укажа, не е да влијаат врз работењето на фирмите, туку само да го опоменат оној кој го прекршил законот да се корегира и да понатаму продолжи со работата. Таа цел ќе се постигне на ваков начин, со определување на казните сразмерно на големината на фирмите.
- Со измените на Законот за прекршоци се воведува и поголема примена на институтот опомена, значи за помалите прекршоци нема воопшто да има казни, туку фирмите ќе бидат опоменети со цел да го корегираат своето работење и да продолжат понатаму, изјави Ставрески.
Според претседателката на ССК Данела Арсова, иницијатите на ССК за подобрување на деловното работење како дел пакетот мерки во 2013 година се усвојуваат континуирано со наоѓање начини за нивно интегрирање. - Со пакетот законски измени, особено измените на Законот за прекршоци што помина во Собранмието, драконските казни со кои се соочуваа компаниите во изминатите години се намалија и тоа значително, изјави Арсова.
Советот на претседатели на коморите при ССК, како што информира Арсова, ја прогласи Градежната комора за комора на 2015 година.