Прв состанок на меѓуресорската координативна група за професионални квалификации
Министерот за образование и наука Панче Кралев и британскиот амбасадор Кристофер Ивон денеска присуствуваа на првиот состанок со членовите на меѓуресорската координативна група за професионални квалификации, кои се претставници на министерства и на други органи надлежни за спроведување на проектот, кој е поддржан и финансиран од Амбасадата на Велика Британија.
Заемно признавање на професионалните квалификации е една од основите за отворен и еднаков пристап на Европската унија кон индивидуите кои сакаат да ја практикуваат својата професија во која било земја на Европа. Директивата за признавање на професионалните квалификации 2005/36/Е3 овозможува практикување на професијата во сите земји на ЕУ. Како земја кандидат за ЕУ земјава има обврска да ги исполни сите неопходни услови за професионалците од другите земји без никакви пречки да можат да ја извршуваат својата професија и во Македонија исто како и во својата земја.
- Проектот кој е поддржан и финансиран од Британската амбасада ќе овозможи да се создадат нормативи и основа за регулирање на професионалните квалификации кои се стекнуваат во Република Македонија со истите кои ги користат и сите земји-членки на ЕУ. Тоа практично значи дека по завршувањето на овој проект, лица што имаат стекнато професионална квалификација, претежно од технички карактер, ќе можат да имаат мобилност во својата работа - во Македонија и во која било членка на Унијата, изјави Кралев.
Тој верува дека проектот ќе придонесе Македонија во оваа сфера да се доближи до европското законодавство и откако ќе стане членка на ЕУ ќе и овозможи мобилност на работната сила.
Амбасадорот на Велика Британија Кристофер Ивон истакна дека Амбасадата со големо задоволство го помага и финансира овој проект и во него ги пренесува искуствата што се применуваат во неговата земја.
- Една од главните силни страни, а воедно и предности на ЕУ, е што таа овозможува слободно движење на работната сила на еден пазар со 500 милиони луѓе на ниво на целата Унија. Со нетрпение чекам да го доживееме денот кога лица со стекнати квалификации во Македонија ќе можат нив да ги користат во која било земја-членка на ЕУ, што ќе биде можно еден ден кога Македонија ќе стане дел од Унијата, рече Ивон.
Со поддршка на Амбасадата на Велика Британија успешно беше завршен проектот за хармонизација на националното законодавство со Директивата за професионални квалификации, кој резултираше со изработка и донесување на Законот за признавање на професионачни квалификации. За постигнување квалитетни резултати се користи експертиза од Велика Британија, која е меѓу најдобрите системи за признавање професионални квалификации.