Објавен тендерот и презентиран проектот за изградба на нова Клиничка болница во Штип

Проект за изградба на нова најсовремена Клиничка болница во Штип, според врвни стандарди, со карактеристики и функционалности кои досега ги немало во Македонија, презентираше денеска на прес-конференција министерот за здравство Никола Тодоров. 

- Изградбата на болницата ќе почне во средината на октомври, а објектот треба да биде завршен до крајот на октомври 2017 година. Објектот ќе се гради на сегашната локација на болничкиот комплекс, на местото меѓу главната болничка зграда, зградата на инфективното одделение и зградата на сегашна педијатрија. Ќе опфати површина од околу 34.000 метри квадратни бруто површина. Станува збор за инвестиција во вредност од околу 30 милиони евра, рече Тодоров.

Истакна дека тендерот за изградба на Клиничката болница во Штип беше објавен вчера во официјалниот гласник на Европската унија од страна на Банката на Советот на Европа и додаде дека отпочната тендерската постапка за градба и огласот според стадардите на Банката е објавен и во Република Македонија.

- Изградбата на нова и современа болница во Штип ќе овозможи современи услови за здравствена заштита на над 200.000 жители од градот Штип и целиот источен и југо-источен регион на Македонија кои ќе имаат директен бенефит од изградбата на новиот објект на Клиничката болница - Штип. Овој проект доби прва награда за реализиран архитектонски проект на 17.Биенале на македонската архитектура - БИМАС 2014, востановена во 1981 година како највисока архитектонска награда, потенцира Тодоров.

Нагласи дека подготовката за техничката документација траела околу две години, на неа работеле пет стручни тимови (од аспект на архитектура, статика, електрика, машинство и водовод), а дополнително и посебно задолжени лица за противпожарна заштита, животна средина, звук, енергетска ефикасност и заштита на градежна јама. 

Штипската болница, појасни министерот, во моментот функционира во постар објект изграден во 1937 година, кој е нефункционален не само заради старите и дотраени згради со веќе амортизирана инфраструктурна поддршка, туку и заради дисперзираност на здравствените содржини кои се сместени дури во 12 посебни згради, додека новиот објект на Клиничката болница ќе обезбеди соодветни просторни услови за дијагноза, третман и нега на пациентите и секако современи услови за работа на здравствените работници.

- Изминатиот период беше изработен идејниот, како и основниот проект, а паралелно беше изработен и архитектонско-урбанистички проект. Изградбата ќе се одвива во две фази со директен трансфер на болничките капацитети. Прво се гради новиот дел и по негово целосно завршување сите одделенија се преместуваат во новиот објект, а се реконструира постојниот објект со што тековната работа на болницата нема да биде нарушена - односно ќе има континуитет на обезбедување здравствена заштита за пациентите од овој регион, истакна Тодоров.

Болницата, нагласи, ќе има комплетно воспоставен БМС- Building Management Sistem, кој ги контролира во целост електриката и машинството на објектот и е директно поврзан со системот за менаџирање на болничките соби - кога пациентот се прима во болницата се внесува во систем дека собата е зафатена, и тогаш автоматски се активира климатизацијата во собата, а при влез во болничка соба автоматски се пали светлото. Според Тодоров, на ваков начин се постигнува ефикасно и одговорно користење на ресурсите.

Тој посочи дека првпат во ЈЗУ е проектиран и ќе се изведе систем за пневматска пошта кој ги поврзува лабораторија со дијагностика и оперативен дел, а транспортот на крв наместо физички од страна на здравствените работници, се врши преку пнеуматски туби.

- Објектот ќе има сопствен резервоар за вода кој може да обезбеди автономија од два дена на цела болница, како и сопствен агрегат кој обезбедува и автономија во случај на прекин на електрична енергија. Просторно - функционалниот модел на објектот се состои од две целини - првата ја сочинуваат три катни висини, каде ќе бидат организирани сите болнички одделенија, а втората се состои од четири нивоа: подрум, ниско приземје, приземје и први кат. Во подрумските простории се сместени сите технички и сервиски одделенија, како и одделот за патологија и судска медицина, рече Тодоров.

Посочи дека во ниското приземје ќе бидат сместени ургентниот центар, радиолошко-дијагностичкиот оддел, централните гардероби, лабораторијата, болничката аптека и стерилизацијата, а во приземјето и пониските нивоа ќе има 17 амбуланти дополнети со специјализирани простории за прегледи и третман, како и дневните болници.

Новата Клиничка болница, појасни, ќе биде распределена на 8 нивоа, каскадно поставени на теренот од локацијата.

- Сите содржини на болницата се соодветно групирани и распределени на осум нивоа, а меѓусебно се поврзани со внатрешни топли врски по хоризонтала и вертикала. Внатрешната комуникација и транспортот на материјалите помеѓу катовите ќе се одвива со 14 лифтови. На покривот на нивоата на машинска сала и на последното ниво, предвидено е да се постават градини, од кои дел ќе бидат проодни и ќе може да се користат од вработени и/или пациенти, а дел непроодни и ќе имаат сопствен инсталиран систем за наводнување, истакна Тодоров.

Новата Клиничка болница во Штип, рече Тодоров, ќе биде високо енергетски ефикасен објект со ниска потрошувачка на примарна енергија на годишно ниво која ќе се троши за греење, вентилација и климатизација, санитарна топла вода, осветлување и помошна енергија, а предвидено е ново сообраќајно решение со кое ќе се овозможи посебен, брз пристап за ургентниот центар и возилата на брзата помош, посебен пристап до главниот влез за големиот болнички капацитет...

Потенцира дека во новата Клиничката болница-Штип ќе има 354 легла (275 во новиот објект, а останатите во инфективниот оддел).

- Новиот објект ќе ги содржи одделенијата: анестезија со реанимација, хируршки болести, уролошки болести, ортопедија и трауматологија, гинекологија и акушерство, очни болести, оториноларингологија, внатрешни болести, градни болести и ТБЦ, невролошки болести, психијатриски болести, максилофацијална хирургија, детски болести, неврохирургија, онкологија, инфективни болести, кожно - венерични болести и физикална медицина со рехабилитација, рече Тодоров.

Специјалистичко-консултативни служби, нагласи, ќе опфатат лабораториска дејност, трансфузиологија со дневна болница, патолошка анатомија со судска медицина, радиолошко - дијагностичка дејност и болничка аптека, дневни болници, физикална медицина и Центар за наркозависници и ургентен центар.

- Се планира и реновирање на зградата на педијатрија наменета за потребите на Медицинскиот факултет. Болницата ќе располага и со служби за поддршка: централна стерилизација, централни гардероби за персоналот, управување со постелнина, управување со материјали, управување со отпад, служба за обезбедување, капела, аптека, архивска служба, администрација, додаде Тодоров.