Националната конференција за стратегиска оценка на влијанието врз животната средина
Размена на искуства меѓу експерти од Македонија, Холандија и Словенија е целта на Националната конференција за стратегиска оценка на влијанието врз животната средина што денеска се одржува во Скопје.
Стратегиската оценка на влијанието врз животната средина, според министерот за животна средина и просторно планирање Абдулаќим Адеми, е еден сегмент кој треба општините, инвеститорите и институциите да ги применуваат.
Тој изрази надеж дека после Конференцијата стратегиската оцена нема да се гледа повеќе како административна бариера, туку како инструмент кој ни помага во донесување подобри одлуки и дава можност за вклучување на сите чинители.
- Очекувам Конференцијата да ја зголеми нашата доверба дека се движиме во вистинска насока во спроведувањето на постапката за стратегиска оцена, а по нејзиното одржување се надевам дека ќе изнајдеме начин да надминеме и други предизвици, истакна Адеми.
Сложеноста на еколошкото законодавство на Европската унија, како што истакна холандската амбасадорка Марија Шурман, претставува голем предизвик за земјите членки и кандидатите за влез во Унијата. Таа посочи дека се потребни многу напори и време за целосно да се исполнат барањата од законодавството на ЕУ, додаде, потребна е силна јавна поддршка.
- Како земја кандидат за ЕУ, Македонија ќе мора да почитува строги еколошки барања за целосно да ги исполни еколошките стандарди. Сите учесници во општеството вклучувајќи ги владините организации, меѓународната и деловната заедница и граѓанските здруженија мора да бидат мобилизирани, бидејќи сите ќе остварат добивки од повисоките еколошки стандарди, рече Шурман.
Националната конференција за стратегиска оценка на влијанието врз животната средина е завршница на двегодишниот проект на МЖСПП на Македонија и Комисијата за стратегиски оценки на влијанието врз животната средина на Холандија.