Одржан третиот состанок на Комитетот за минерални суровини

С О О П Ш Т Е Н И Е

Во Владата на Република Македонија вчера (понеделник, 12 декември 2011 година) се одржа третиот состанок на Комитетот за минерални суровини со кој претседаваше премиерот Никола Груевски.

На состанокот беа разгледувани повеќе прашања од областа на експлоатацијата на минералните суровини, како и информации за тековните активности од оваа сфера.

Комитетот за минерални суровини ги разгледуваше препораките од Министерството за економија во врска со предлог текстот на новиот Закон за минерални суровини кој што е во фаза на подготовка и за кој што се собираат мислења од странски консултанти од Шведска, Словенија, Хрватска и Германија. Генерално препораките предвидуваат скратена и поедноставена постапка за концесија на одделни минерални суровини како што се песок, чакал, глина и собирен кварц, потоа скратување на рокот за доставување на мислење до Секторот за минерални суровини во Министерството за економија на 15 дена од приемот на барањето, а доколку не се даде позитивно мислење во тој рок да се смета дека е дадено позитивно мислење, пропишување на мерки и клаузули со цел спречување на случаите на воспоставување на монополска позиција од страна на одредени компании во однос на одредени видови минерални суровини и воведување на т.н. црна листа на фирми кои иако имаат добиено концесија во законскиот рок не започнале со експлоатација. Со препораките за новиот закон се предвидува компаниите кои ќе бидат на оваа црна листа, како и компаниите кои се капитално поврзани со нив, да не можат да добијат концесија.

На состанокот се разгледуваа и информации во врска со поднесените барања на мислења за доделување на концесии за детални геолошки истражувања на минерални суровини и информации за извршените инспекциски надзори кај концесионерите од областа на минералните суровини, при што Комитетот даде препорака да се зајакне соработката со Министерството за внатрешни работи и Јавното обвинителство во делот на утврдување на случаи на незаконска експлоатација на минерални суровини.