Први тениски игралишта за жителите на Ново Село и Ангелци
Ново Село и Ангелци денеска првпат добија игралишта за тенис, финансирани во рамки на владиниот проект за изградба на 120 тениски игралишта.
Премиерот Никола Груевски при пуштањето во употреба на тениското игралиште во Ново Село истакна дека Владата во континуитет продолжува со реализација на проектите поврзани со развој на спортот.
- Во изминативе неколку години спортистите и спортот претставуваат еден од нашите врвни приоритети што е една сосема поинаква слика од минатото во кое спортот стагнираше, а изградбата на спортските објекти скоро и воопшто да немаше. Денеска сликата е многу поинаква. Денеска се гради насекаде во државата и скоро и да нема место во Македонија каде што немаме почнато или завршено некој спортски објект, рече Груевски.
Тој потсети дека изминативе години е изградено големото фудбалско игралиште во Борисово, првата спортска сала во општината, првото повеќенаменско спортско игралиште во Мокриево, а денеска е предадено во употреба и првото тениско игралиште.
Во оваа пригода Груевски потсети и на многуте заеднички проекти кои Владата и Општина Ново Село ги реализираа во изминатиов период, како реконструкцијата на мостот на Новоселска река, изградбата на патот Сушица – Кривагорница, реконструкција на водоводни мрежи, изградба на фекални канализации и други инфраструктурни проекти.
Директорот на Агенцијата за млади и спорт Маријан Спасески истакна дека двојното тениско игралиште изградено во Ново Село е дел владиниот проект за изградба на 120 тениски игралишта.
- Ако до скоро тениските терени можевме да ги изброиме на прсти, денес состојбата е поинаква, рече Спасески и потенцира дека за изградба на спортски објекти во општина Ново Село се вложени 56 милиони денари.
По првпат тениско игралиште денеска доби и населеното место Ангелци во општина Василево.
- Многу работи по првпат се изградија овие години и тоа не е случај само во општина Василево, туку и во многу други општини низ Македонија. Поминале генерациите и генерации кои се сеќаваат кога ќе дојдел часот по физичко или се излегувало надвор од училиштата, или, пак, часот се заменувал со други часови. Тоа веќе не е така. Оваа Влада покажа дека може и поинаку, рече премиерот Груевски.
Двете двојни тениски игралишта се изградени по најсовремени стандарди, располагаат со осветлување, пристапни патеки и најсовремена подлога според стандардите на Светската тениска асоцијација. Тениските игралишта ќе им бидат ставени на располагање на сите граѓани за спортувње, рекреирање и натпреварување.