Потпишана Спогодба за заемни патувања за граѓаните на Македонија и Албанија
Македонскиот министер за надворешни работи Никола Попоски и вицепремиерот и министер за надворешни работи на Албанија Едмонд Хаџинасто, денеска во Тирана, потпишаа Спогодбата меѓу двете влади за измени и дополнувања на Спогодбата меѓу Владата на Република Македонија и Советот на министрите на Република Албанија за заемни патувања на граѓаните.
По стапувањето во сила на Спогодбата на македонските и на албанските државјани ќе им се овозможи да влегуваат, излегуваат, транзитираат и краткорочно престојуваат до три месеци во секој шестмесечен период, сметано од денот на првото влегување, со важечки биометриски лични карти.
Потпишувањето на Спогодбата, како што рече министерот Попоски, е многу значаен сигнал за интеграциските процеси кои се одвиваат.
- Сметам дека тоа е едно скалило до моментот додека сите ние станеме членки на НАТО и ЕУ, каде движењето ќе биде непречено. Од тој аспект денешниот договор има голема вредност и сметам дека граѓаните од двете страни на границата целосно ќе можат да го исползуваат, истакна Попоски.
Хаџинасто рече дека соработката меѓу двете земји се интензивира, а Спогодбата претставува еден вид подготовка на Македонија и Албанија за идно членство во ЕУ.