Честитка од Груевски по повод еврејската Нова година Рош Хашана
До Г-ѓа Берта Романо – Николиќ - Претседател на Еврејската заедница во Република Македонија,
До членовите и припадниците на Еврејската заедница во Република Македонија
Почитувани,
Ми претставува чест и особено задоволство, во името на Владата на Република Македонија и во свое лично име, Вам и на сите припадници на Еврејската заедница во Република Македонија, да ви ја честитам РОШ ХАШАНА, со искрени желби за среќна и успешна нова година.
Празникот што го прославува еврејскиот народ на овој ден претставува симбол на новите почетоци, на прифаќањето на минатото и на смело зачекорување кон непознатото кое го носи иднината. Исчекувањето, можноста за остварување на соништата и желбите во времето кое доаѓа ни дава сила да се соочиме со секојдневието, ни ги ослободува умот и душата и им дозволува да живеат необременети од стегите на минатото. Истовремено, очекувањата од иднината нè упатуваат на пат кој води до посакуваните резултати и до успесите кон кои се стремиме. Овој празник носи длабока мудрост пренесувана низ генерациите на еден народ која нè учи дека човек секогаш треба да гледа напред, но и дека за да се исполнат желбите потребно е да работиме, да бидеме вредни, да сме добри и дарежливи зашто само тогаш можеме да очекуваме да бидеме благословени со истата среќа, радост и милост со кои и самите сме ги дарувале другите.
Честитајќи Ви ја уште еднаш РОШ ХАШАНА, од сè срце Ви посакувам добро здравје и многу среќа и бериќет Вам и на вашите семејства во Новата 5776 година.
Лашана това,
Искрено ваш,
Никола ГРУЕВСКИ