Нова археолошка поставка во Прилепскиот музеј, најавена реконструкција на накривената Саат-кула
Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска присуствуваше на свеченото отворање на новата археолошка поставка во Заводот за заштита на спомениците на културите и Музеј Прилеп и ја посети Саат-кулата во градот.
Поставката се простира на површина од 300 квадратни метри и содржи повеќе од 3.000 археолошки артефакти од праисторијата, енеолитот, бронзеното и железното време, антиката, хеленистичкиот и доцноантичкиот период и средниот век.
Директорката на музејот Годрана Данилоска-Спироска им се заблагодари на прилепските археолози кои со љубов ги истражуваа археолошките наоѓалишта и подготвија една од најголемите поставки во државава.
За градоначалникот на Прилеп Марјан Ристески поставката е уште еден доказ дека градот располага со огромно културно наследство и со многу културно-историски споменици кои, како што рече, се вистинска туристичка понуда за посетителите.
Министерката Канческа-Милевска ја посети и Саат-кулата во центарот на Прилеп, која е препознатлив белег на градот и културно-историски споменик. Најави дека за 2012 година Министерството за култура одвоило 3 милиони денари за проект и санација на накривената кула.
- Еден од приоритетите и на Министерството и на Владата е токму културното наследство и неговото зачувување. За 2012 издвоивме 3 милиони денари за реконструкција на Саат-кулата во Прилеп. Заводот и музеј со ИЗИС го изработија идејниот проект за статичка стабилност на објектот и идната година ќе почне реставрацијата. Се надевам ќе го промовираме во неговиот автентичен сјај, изјави Канческа-Милевска.
Директорката на Музејот Данилоска-Спироска рече дека Саат-кулата е накривена 85 сантиметри, главно, поради нестабилното песокливо земјиште и од тешките внатрешни скалила.
- Состојбата не е алармантна, но крајно време е кулата да се санира и да се зацврсти. Можно е и да се поправи механизмот и часовникот повторно да работи, рече Данилоска-Спироска. Таа соопшти и еден впечатлив податок - прилепската Саат-кула, која датира од 1858 година, е постара една година од познатата Биг бен во Лондон.