Тркалезана маса за идните предизвици во остварувањето на лицата со попреченост
Унапредување на правото на образование, правото на самостојно домување, обезбедување поддршка при вработување, поддршка на семејства кои имаат вакви лица, но и драстично менување на свеста и предрасудите кај јавноста се идните предизвици со кои ќе се соочи Македонија по потпишувањето на Конвенцијата на ОН за правата на лицата со попреченост која беше ратификувана во македонскиот Парламент на 5-ти декември.
На овие теми денеска во Скопје разговараа учесниците на тркалезната маса организирана од „Порака“ со поддршка на Националниот демократски институт.
- Конвенцијата не носи нови права за децата со попреченост, но ги зајакнува веќе постоечките. Со ратификацијата таа станува дел од правно-политичкиот систем на државата и промовира нови состојби и гледишта за лицата со попреченост, посочи Чедомир Трајковски, претседател на невладината организација „Порака“.
Тој додаде дека покрај тоа што ќе треба да се работи на усогласување на националното законодавство со одредбите на Конвенцијата долготрајно и макотрпно ќе мора да се работи на промена на свеста и на бришењето на предрасудите и стереотипите што јавноста ги има во врска со лицата со попреченост.
Министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски вели дека поради тоа што целта на Конвенцијата е да промовира, штити и осигурува целосно и еднакво уживање на сите човекови права, предизвиците на државата треба да бидат гарантирање на рамноправноста и недискриминацијата на лицата со попреченост.
- Во рамки на натамошното усогласување на прописите со одредбите на Конвенцијата, ќе се фокусираме на членовите 6 и 7 кои се занимаваат со заштита на правата на жените и децата со попреченост, членот 19 што го уредува правото на самостоен живот и вклучување во заедницата со цел на лицата со попреченост да им се овозможат повеќе опции на избор, член 20 што го уредува правото на лична мобилност и членот 26 што ја уредува рехабилитацијата, а опфаќа широка низа на акции во областите на вработување и социјалните услуги со цел потполна интеграција на овие лица во нивните локални заедници, рече Ристовски.
Тој додаде дека во иднина вниманието ќе биде насочено и на членот 27 од Конвенцијата што се однесува на работата и вработувањето на лицата со попреченост за што, како што вели, ќе биде потребно преземање на широк спектар мерки во комбинација со заштита од дискриминација во сите фази на вработување на лицата со попреченост, како и на членот 28 што се однесува на обезбедување на приспособени услови за живот и социјална заштита на лицата со попреченост кои се важни за социјалното вклучување на овие лица инивните семејства во севкупните опшатествени текови.
Од Канцеларијата на Народниот правобранител предупредуваат дека дел од децата со попреченост не завршуваат ниту основно образование, бидејќи се отпишуваат од училиштата.
- Истражувањата кои се направени уште пред три години покажуваат дека 30 проценти од децата со попреченост се отпишуваат од образовните институции по барање на родителите или поради здравствени проблеми. За жал, многу често се откажуваат поради предрасудите, неприфатеноста од другите деца или наставниците, изјави заменик-народниот правобранител Невена Крушаровска.
Таа додава дека проблем се јавува и во училиштата од каде се пожалиле дека немаат доволен кадар или технички не се подготвени за посебна работа со оваа категорија на деца поради што од Канцеларијата на Народниот правобранител реагирале до ресорните министерства.
Конвенцијата на ОН за правата на лицата со попреченост е глобален документ, а Македонија е 107 -та земја што ја има ратификувано.