Со зголемување на пензиите и социјалната помош бенефит ќе имаат 335 илјади граѓани
На 5 октомври годинава ќе биде исплатена септемвриската пензија која е зголемена за 621 денар за секој пензионер во Република Македонија. Од следната година предвидено е за уште пет проценти да биде зголемена социјалната и постојаната парична помош.
Со овие зголемувања бенефит ќе имаат вкупно 335 илјади граѓани, од кои 300 илјади пензионери, 30 илјади корисници на социјална парична помош и пет илјади корисници на постојана парична помош. Зголемувањето на пензиите и на социјалната помош е целосно буџетирано за 2016 година. Средствата за овие зголемувања се обезбедени и ќе бидат на време исплатени.
Ова на денешната прес-конференција го соопштија вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески и министерот за труд и социјална политика Диме Спасов.
Вицепремиерот Ставрески истакна дека зголемувањето на пензиите ќе продолжи и следната година. - Исто така, во октомври 2016 година ќе бидат исплатени по 650 денари зголемени пензии за сите пензионери во Република Македонија. Средствата кои се потребни за тоа се обезбедени во буџетот, рече Ставрески.
Тој нагласи дека продолжува грижата за најранливите категории на граѓани, како што се примателите на социјална и на постојана парична помош, оние кои се постари и материјално необезбедени лица.
- За нив оваа година исплативме зголемување од 10 проценти на паричната помош што ја добиваат од буџетот. И следната година во буџетот е предвидено за уште пет проценти да биде зголемена социјалната и постојаната парична помош. Од јуни 2016 година ќе исплатиме зголемена парична помош за сите приматели на социјална и постојана парична помош, рече Ставрески.
Вицепремиерот Ставрески додаде дека буџетот е во добра кондиција, во добра ликвидност и додаде дека сите предвидени мерки и политики се реализираат согласно предвидената динамика.
Министерот Спасов појасни дека Владата на последната седница ги усвои измените и дополнувањата на Законот за пензиско и инвалидско осигурување и на Законот за социјална заштита.
- Оваа година пензиите се зголемија за 5 проценти, односно септемвриската пензија ќе се зголеми за 5 проценти. Досега зголемувањето на просечната пензија од 2006 година заклучно со октомври годинава изнесува 70,3 проценти. Од 7.683 денари, колку што изнесувала во 2006 година, во октомври ќе изнесува 13.085 денари, рече Спасов.
Тој потсети дека годинава во јули социјалната и постојаната парична помош се зголемени за 10 проценти. Со тоа, како што рече, вкупно од 2006 до 2015 година социјалната парична помош се зголеми за 61,8 проценти, додека постојаната парична помош од 2006 до 2015 година се зголеми за 60,5 проценти што е значително зголемување.
- Веќе се обезбедени средства и продолжуваме и со натамошно зголемување на социјалната и постојаната парична помош во јули 2016 година за дополнителни 5 проценти. За зголемување на социјалната помош во буџетот за 2016 година обезбедени се 28 милиони и 200 илјади денари. За зголемување на постојаната парична помош обезбедени се 8 милиони и 700 илјади денари, рече Спасов.