Премиерот Никола Груевски на бизнис форум во Хартфорд, Конектикат
Претседателот на Владата на Република Македонија, г-дин Никола Груевски, и владина делегација, вчера (четврток, 1.10.2015 година) присуствуваше и се обрати на бизнис форум во Хартфорд, во сојзуната држава Конектикат, Соединетите Американски Држави, на кој присуствуваа претставници на компании од поголем број на сектори.
Премиерот Груевски ги претстави поволностите кои нашата земја ги обезбедува за реализација на инвестиции, отворање на бизнис и нови работни места. Во своето обраќање тој се осврна на позитивните макроекономски индикатори, како што се ниското и умерено ниво на државен долг, стабилниот курс на националната валута, стапката на инфлација, растот на извозот од технолошко-индустриските развојни зони, кои гарантираат предвидливо опкружување кое е потребно за реализација на долгорочните планови за раст на бизнисите. Истакна и дека како резултат на владините политики земјата остварува стапки на раст на бруто домашниот производ што е показател за доброто економско опкружување.
Минатата година имавме раст на БДП од 3,8%, што беше втор најголем раст во Европа, претходната 2013 година, исто така, бевме втора најдобра земја според растот на БДП во Европа. Во првата половина од оваа година растот изнесуваше 2,9% што е еден од најдобрите пет резултати во Европа, и веруваме дека до крајот на годината ќе продолжиме со оваа добра динамика и повторно ќе бидеме помеѓу земјите со најголем раст во Европа, истакна премиерот Груевски во своето обраќање.
Претседателот на Владата Груевски се осврна и на напредокот на Република Македонија на листите за бизнис клима на меѓународните финансиски организации, како што се Светската Банка, Форбс, Прајсватерхаус Куперс, Херитиџ, што претставува потврда за континуираните заложби за унапредување на деловното опкружување. Ги спомена и погодностите кои се нудат во технолошко-индустриските развојни зони, и најниските трошоци во Европа за правење бизнис, меѓу кои и најнискиот даночен пакет.
Персоналниот данок изнесува 10%, данокот на добивка е исто така 10%, а доколку добивката се реинвестира овој данок е 0%. За многу сектори данокот на додадена вредност е намален од 18% на 5%. Континуирано ги намалуваме царинските давачки и сега тие се многу ниски. Исто така, ги намаливме и придонесите за социјално и здравствено осигурување и на тој начин го креиравме најдобриот даночен пакет и за домашните и за странските инвеститори, затоа што се што правиме правиме и за домашните и за странските компании, истакна претседателот на Владата Груевски.
Присутните американски бизнисмени дадоа позитивна оценка за владините политики и можностите кои ги нуди нашата земја. Зак Рајли, потпретседател на компанијата Амфенол, ја истакна отвореноста и поддршката на македонската Влада за бизнис секторот, и најави дека неговата компанија планира проширување на веќе постоечките капацитети во Македонија.
Имаме капацитети во Македонија кои се склоп од повеќе деловни единици. Планираме значително да се прошириме во Македонија во следните 12 до 18 месеци за што Владата доста ни помага во делот на обезбедувањето дозволи и пристап, со цел да ги изградиме фабриките побрзо и да одговориме на големите барања за дуплирање и триплирање на капацитетите и да одговориме на барањата на клиентите, истакна Зак Рајли.
Бизнисмените истакнаа дека по слушнатите презентации за поволностите кои се нудат, и заради добрата економска понуда на Република Македонија, тие сериозно ја земаат во предвид нашата земја како потенцијална дестинација за нивните бизниси за што во следниот период ќе пристапат кон продлабочени истражувања на претставените можности.
Имаме бизнис за развој на медицинска технологија со производство во Европа и Америка кои ги дистрибуираме во повеќе од 70 земји во светот. Од она што го слушнав денес, за можностите за правење бизнис во Македонија, таа ми прерасна во голема точка на мојот радар за понатамошни истражувања, како опција и можност за главно седиште и локација за бизнис активности на европскиот пазар, изјави Ентони Вискоглиози, директор на компанијата Вискоглиози.