Груевски: Убедени сме во победата на изборите и во поддршката од граѓаните

Изборите мора да се одржат и опозицијата ќе мора да се соочи со граѓаните, со се она што го правеше во изминатиот период. Убеден сум дека ќе имаме убедлива поддршка од граѓаните, многу силна поддршка, слична на онаа што ја имавме минатата година, а можеби и посилна, изјави вечерва премиерот Никола Груевски.

- Имаме преговори на две страни во коишто едната страна знае дека ќе победи, ја чувствува поддршката од граѓаните. Другата страна знае дека ќе загуби и бара начини како тоа и колку е можно да го одложи, односно да ги одложи следните избори договорени за месец април. Како може да се одложат освен ако не се растурат овие преговори. А како може да се растурат преговори освен ако тоа не е со поставување на нерационални барања, со поставување барања коишто немаат никаква смисла, оценува Груевски за барањата на опозициската СДСМ во преговорите за изборниот законик во интервју за Сител Телевизија.

Според него, се случуваат и ситуации кога некогаш ќе прифатат нивни барања, а тогаш тие поставуваат за истата работа дополнителни барања.

- Тое очекуваат да не изнервираат, очекуваат да не извадат од такт и за да ја остварат својата цел да избегаат од наредните избори на 24 април, односно да се одложат, нормално тоа да биде по наша вина, а не по нивна, односно така да се прикаже во јавноста дека е по наша вина. Но, јас ќе им порачам дека нема бегање од избори. Изборите мора да се одржат и тие ќе мора да се соочат со граѓаните, со се она што го правеа во изминатиот период. Убеден сум, точно знам, дека ќе имаме убедлива поддршка од граѓаните, многу силна поддршка, слична на онаа што ја имавме минатата година, а можеби и посилна, вели премиерот Никола Груевски.