Груевски: СДСМ прифати воведување Бадинтер во ДИК

СДСМ го прифати барањето на ДУИ за воведување на Бадинтеровиот принцип на гласање во Државната изборна комисија, изјави вечерва премиерот Никола Груевски.

Според него, ваквиот предлог за кој СДСМ се изјаснила дека е прифатлив, ако за него се договорат ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, е недоволно аргументиран и отвора простор за блокирање на работата на ДИК.

- Тоа значи во сите општини каде што малцинските етнички заедници имаат над 20 отсто ќе може да се суспендира гласањето на членовите на ДИК, односно да важи само на оние што се од различните етнички заедници. Што значи, може да се блокира работата на ДИК, може во 60 отсто во изборните единици или 50 не знам точно колку се општини во Македонија каде што има над 20 отсто, може една од партиите што се од помалите етнички заедници да ја блокира работата. И тука не е борбата за Албанците, Македонците, Турците и сл. Тука е партиска борба за превласт на една политичка партија затоа што таа политичка партија може истото да го направи и да наштети на друга политичка партија од истиот етнички блок, дури повеќе може да наштети на друга политичка партија од истиот етнички блок па дури потоа на партиите од различниот етнички блок, оценува Груевски во инетрвју за Сител Телевизија.

Тој смета дека во разговорите за изборното законодавство се судруваат со апсурди, но се обидуваат и колку што може да бидат рационални, конструктивни и се залагаат, вели, пред се, за компромиси кои имаат смисла.

- Може да правите компромис, но тоа треба да има некаков смисол. Да не биде нешто што ќе биде сега само за овие избори и веќе за следните цела држава ќе констатира дека тоа било бесмислено и дека треба сите заедно да констатираме дека треба да се смени. Како фломастерот што ни го наметна СДСМ. Се обидуваме и овој пат да направиме компромис. Ние многу работи попуштивме, затоа што знаеме дека и со тие ќе победиме. Но, се мора да има смисол, да не се сведе на некој пазар којшто нема никаков смисол, односно смислата е на една политичка партија да и се даде некаква предност, која што е смешна, која никаде ја нема, која што е некоректна за другите, којашто ги иритира граѓаните. Треба да биде фер, а не на една партија дај и се што ќе побара, а друга политичка партија да има нефер загуба заради тоа, вели премиерот Груевски.