Награда за Угостителско-туристичкото училиште „Лазар Танев“ на натпревар во Хаг
Матурантот Воислав Здравковиќ од средното угостителско училиште „Лазар Танев“ во Скопје освои прво место во Хаг, Холандија, на натпреварот во рамки на 24-тата годишна конференција на Европската асоцијација на хотелско-туристички училишта (АЕХТ), во категоријата туристичка дестинација.
Мешани тимови ученици ги изработувале проектите, а Здравковиќ бил во екипата што победила. - Имаше 45 учесници, поделени во 16 тимови по тројца. Јас бев во тим со ученички од Холандија и Финска. Требаше да се направи туристичка презентација за градот Хаг. Задоволен сум, бидејќи ни се исплатеа долгите подготовки и трудот, изјави Здравковиќ, кој неколку месеци работел под менторство на професори од училиштето.
Во Хаг официјално и била доделена на Македонија и организацијата на следната, 25-та годишна конференција и натпревари на АЕХТ. Ќе се одржува од 8-ми до 13 октомври 2012 во Скопје и Охрид и се очекуваат од 700 до 1.000 ученици, директори и туристички работници од Европа.
На одбележувањето на успехот на „Лазар Танев“ во Хаг, што бил постигнат минатиот месец, денеска присуствуваше министерот за образование и наука Панче Кралев и претставници на Град Скопје.
- Успесите кои ги редат македонските ученици се и резултат на континуираните напори на Министерството за образование и наука во соработка со училиштата и со Град Скопје да обезбедиме кадар кој ќе биде двигател на нашиот туризам и на нашата економија во следните години. Симболично, но значајно е што наградата е освоена на натпревар во Холандија, една од земјите од каде има најголем прилив туристи во Македонија, рече Кралев.
Директорот на „Лазар Танев“ Зоран Николовски посочи дека за пет месеци училиштето вторпат добива прва награда, по освоената во Џулијанова, Италија, во мај.
- Шест месеци се подготвуваме за натпреварите зашто пропозициите се многу строги и повеќе одговараат на европскиот образовен систем. Но, и во тие услови ние најдовме енергија, желба и мотивација да учествуваме, рече Николовски.
На натпреварот во Хаг учествувале 450 училишта кои членуваат во АЕХТ. Покрај туристичка дестинација, имало уште три натпреварувачки категории - рецепција, готвење и слаткарство.