Најавени нови инвестиции и вработувања
Компанијата „Мусала софт“ од Бугарија, донесе одлука за инвестирање во Македонија, најавени се и нови 120 работни места од две компании и тоа едната е од Италија, од земјоделската индустрија, која одлучи да инвестира во Битола и неодамна купи земјиште во индустриската зона Жабени, каде што наскоро ќе почне градба на капацитет, а другата е израелска компанија која ќе вработи 80 луѓе во следните 12 до 18 месеци, со план на значително зголемување на бројот на вработените во период од 5 години.
Ова го најави претседателот на Владата на Република Македонија, Никола Груевски, во обраќањето вечерва на свечената академија по повод празникот 23. Октомври – Ден на македонската револуционерна борба, во објектот на Македонската опера и балет.
Премиерот Груевски појасни дека заменик директорот Агенцијата за странски инвестиции Климент Шеќеровски го информирал оти компанијата „Мусала софт“ од Бугарија, која е лидер во нивната дејност, веќе регистрирала компанија во Скопје, има изнајмено простории и започнато со вработувње на висококвалификуван кадар. Нивниот план е да достигнат 300 вработувања за период од две до три години.
Според најавите од министерот Џери Наумов, потенцираше премиерот Груевски, нови 120 работни места же се отворат од две компании. Едната е од Италија, од земјоделската индустрија, во која ќе се вработат 40 лица, а одлучила да инвестира во Битола и неодамна купила земјиште во индустриската зона Жабени, каде што наскоро ќе почне градба на капацитет. Инаку, компанијата користи посебна технологија за производство на преработен зеленчук за извоз, главно во Италија и Германија. Во втората израелска компанија во која ќе се вработат 80 луѓе во следните 12 до 18 месеци, со план на значително зголемување на бројот на вработените во период од 5 години, ќе се работи како подршка на нивните операции за продажба за нивните европски клиенти. - Педесет од нивните вработени ќе бидат лица кои го познаваат францускиот јазик, а останатите треба да познават италијански, словенски и други балкански јазици. Компанијата функционира во областа на финасиската дејност и активна е во 40 земји, појасни Груевски.
Во портфолиото на Виктор Мизо, како што претходно најавив, рече во обраќањето Груевски, стои дека до крајот на годината две компании ќе ги објават своите донесени одлуки за инвестирање.
- Едната во Струмица за 1.500 лица, втората во Скопје за 500 лица, а ќе следат и две отворања на фабрики на компаниите кои завршуваат со градбата и ќе следи почеток на производство.Тоа е новата, втората фабрика на Технохозе од Италија со нови 150 вработувања, а во декември и компанијата „Кап Кон“ со 400 нови работни места, двете во Скопје. Ќе биде потпишан и најмалку еден нов договор за една нова инвестиција во Македонија, а тоа е договорот со германската „Костал“ за 1.000 вработувања во зоната Охрид-Струга, рече премиерот Груевски.
Американската „Гентерм“, додаде, ќе влезе во финиш на својата нова фабрика во Прилеп во која ќе отвори 2.000 нови работни места и која веќе ги селектираше првите 350 лица.
- Само економски независен човек е вистински слободен човек. Затоа лозунгот со кој јас се будам и заспивам секој ден е економија, економија и економија. Знам дека слободата мора да биде поткрепена со економски развој, и дека приоритет на секој одговорен политичар е да граби кон остварување на економските проекти кои ќе имаат реален придонес во животот на секој човек и секое семејство во Македонија. Тоа не е нималку лесно и не е едноставно, ама тоа мора да се прави и најголем дел од времето да се посветува, не само од мене и од Владата, туку од секој политичар на економијата и на одговор на прашањето како можеме ние со нашите дела да го подобриме животот на секој човек, подвлече премиерот Груевски.
Тој додаде оти е големо задоволството кога фактите и бројките потврдуваат дека од залагањата и делата има резултати, иако има уште многу да се направи.
- За мене е многу значајно што кога дојдов во Владата во 2006-та, во Македонија имаше вработено 560 илијади луѓе, а денес се вработени 700 илјади луѓе во нашата држава. Тоа се оние новоотворени 140 илјади нови работни места за кои некогаш говориме. Годинава го достигнавме историски најниското ниво на невработеност од 26,8 осто, најниско од осамостојувањето до денес. А да потсетам, наследивме историски највисоко ниво на невработеност од околу 38 осто во 2006-та, истакна во обраќањето претседателот на Владата.
Во минатите две години, истакна тој, Македонија споредено со другите земји во Европа имаше втор највисок раст на економијата.
- Годинава, на почетокот на годината прогнозите на светската банка и ЕК беа дека ќе бидеме први по економскиот раст во Европа. Политичата криза во земјата и кумановските настани ја искомпликуваа работата на економијата, но и покрај овој тежок период, можеби не први, но сигурно ќе бидеме во првите 5 земји според растот на економијата. И покрај проблемите, странските инвестиции во однос наминатата година растат, опаѓа дефицитот на тековната сметка, а имаме доволно стабилно ниво на девизни резерви за покривање на 4,7 месеци увоз. Растат и депозитете на граѓаните во банките, но и довербата кон денарот, рече премиерот Груевски.
Тој потенцира дека е создадена една од најдобрите клими во светот за водење бизнис, и тоа, рече, ни го признаваат сите меѓународни финансиски и економски организации, а истото се рефлектира и на терен со отворање на многу нови фабрики, а со тоа и работни места, кои порано ги немаше.
- Затоа велам, кога ќе не цените, цените не според бројките и фактите. Така се мерат и се вреднуваат делата.Ова го правиме за сите граѓани, независно на нивната политичка, етничка или верска ориентација, а најмногу го правиме за младите...Ние жестоко ќе продолжиме да се бориме за социјална правда, ќе продолжиме со мерките за вработување на луѓето како најдобар гарант за излегување од социјалната неправда која ние беше оставена како структурен проблем, порача премиерот Груевски.