Груевски најави изградба на три нови студентски домови
Владата ќе инвестира изградба на три, на место еден студенски дом, како што беше најавено. Два од домовите ќе се градат во Скопје, на местото на поранешните бараки на домот „Медицинар“, како и во близина на Спортскиот центар „Борис Трајковски“. Направени се проценки дека има потреба да се изгради студенски дом и кај Државниот универзитет во Тетово.
Ова денеска го најави премиерот Никола Груевски, одговарајќи на новинарско прашање, при посетата на скопското село Нерези.
- Практично излезе дека во Скопје веројатно ќе градиме два студенски дома, едниот на местото на сега веќе руинираните и затворени бараки на „Медицинар“. Таму ќе имаме студенски дом кој ќе има капацитет за 350 до 400 места за студенти, а во неговиот состав ќе има и спортска сала за студентите, читална, библиотека итн., рече Груевски.
Проектот за домот кај „Медицинар“ е готов и според премиерот се очекува во декември да излезе јавниот повик за негова градба.
- Втората локација за која немаме никакви документи, но би ги почнале подготовките брзо е во близина на СЦ „Борис Трајковски“ во општина Карпош, каде планираме исто така локација за околу 500 места за студенти. За ова место би требало да ги почнеме сите подготовки од правен аспект и ќе ни треба соработка и со Град Скопје и со општината, рече Груевски.
Според него, доколку работите се одвиваат според планираното, може да се објави повик за изградба, најдоцна до септември или октомври следната година, а изградбата би завршила кон крајот на 2017 или почетокот на 2018 година.
За студентскиот дом што ќе се гради во рамки на Државниот универзитет во Тетово, според Груевски, во тек се подготвки да се направи сериозен проект со кој ќе може да се почне продецура за наоѓање изведувач кој ќе го гради домот.
- Практично место еден се одлучивме да градиме три студенски дома од кои најбрзо ќе оди студенскиот дом што ќе биде на локацијата на „Медицинар“ затоа што за таму имаме веќе изготвен проект. Сега се прават напори да се уфрли и спортска сала додека за другите две локации ќе треба да направиме одрдени подготовки и затоа кај нив ќе ни треба подолго време. Но работата почнува, ветувањето е дадено, нема назад и ќе работиме на три студенски дома, изјави Груевски.
Тој најави и дека за два до три дена ќе биде објавен јавен повик за изведувач на реконструкцијата на Блокот А во студенскиот дом „Гоце Делчев“. Тоа е втор блок што ќе се обновува откако претходно се заврши реконструкцијата на Блокот Б.
- Таму етапно си тече реконструкцијата онака како што имаме дадено ветување, изјави Груевски, при посетата на село Нерези.