Кривична пријава за 57 лица за местење сообраќајни незгоди на подрачјето на Скопје
Вкупно 57 лица, од кои 17 полициски службеници, меѓу кои 13 активни и четири службеници кои во меѓувреме заминаа во пензија, кривично ќе бидат гонети за пријавување лажни сообраќајни незгоди на подрачјето на Скопје, информира МВР.
- Министерството за внатрешни работи подолг период постапуваше по Оперативната обработка под работно име „Бришач“, отворена уште во 2007 година, која резултираше со денешното приведување на осомничените за кои постоеше судски налог, но и со поднесување кривична пријава против сите инволвирани во пријавувањето на лажни сообраќајни незгоди на подрачјето на Скопје за кои беа обезбедени соодветни докази, соопшти МВР.
Во рамки на спроведената истрага „Бришач“ документирани се 13 лажни сообраќајни незгоди во кои инволвираните се стекнале или се обиеделе да се стекнат со противправна имотна корист, бидејќи дел од тужбите со оштетни побарувања се уште се во тек. Министерството за внатрешни работи продолжува да постапува и да работи на утврдување и на други лица кои евентуално биле инволвирани во случаите.
Надлежниот суд, се нагласува во соопштението, до нас издаде налог за спроведување на 31 осомничен додека останатите на распит ќе бидат повикувани со покана. Од овие, 31 осомничено лице, досега се обезбедени 29, додека по уште две лица се трага.
- Врз основа на преземените мерки утврдено е дека пријавените лица во периодот од август 2007 година до март 2011 година на скоро идентичен начин учествувале во фингирање сообраќајни незгоди. Службените лица вработени во МВР, како раководители на Увидна екипа во одделението за вршење увид на сообраќајни незгоди, и виши крим техничари по сообраќај од истото одделение, заедно со другите пријавени физички лица, по поставувањето на патничките моторни возила во положба како да учествувале во сообраќајна незгода и пријавување материјални и нематеријални штети, врз основа на лажни записници за извршен увид на местото на настанот и скици изготвени од страна на службените лица кои не одговараат со реално случена сообраќајна незгода, од осигурителните компании побарувале паричен надомест, со што ги сториле кривичните дела „злоупотреба на службена положба и овластување“, „фалсификување службена исправа“, „помагање“, „осигурителна измама“ и „измама“, појаснуваат од МВР.
Пријавените физички лица, се нагласува, откако претходно ќе обезбеделе и подготвеле патнички возила со оштетени делови кои требало да учествуваат во наместена сообраќајна незгода, ги местеле своите патнички возила како претходно да се случила незгодата и ја пријавувале во ЦИК при СВР Скопје. Потоа увидната екипа од одделението за вршење увид на сообраќајни незгоди излегувала на местото на настанот.
- Службените лица, иако требало и можеле при вршењето на увидот по сите параметри на лице место, скицата и фотографиите да констатираат дека не постојат реални траги од случена сообраќајна незгода со наведените оштетувања на возилата, тоа не го констатирале во Записникот за извршен увид на местото на настанот. Наместо тоа, по завршувањето на увидот констатирале „наводни“ состојби од незгодата и како таков записникот своерачно го потпишувале. Таквиот записник лицата кои учествувале во фингираните сообраќајни незгоди го употребувале во осигурителните компании за да поднесат пријава за надомест на штети од каско осигурување на возила, осигурување од автоодговорност, материјални и нематеријални штети. Подоцна од осигурителните компании за дел од фингираните сообраќајни незгоди им биле исплаќани штети, истакнуваат од МВР.
Разликите од наведеното во Записникот за извршен увид на местото на настанот и реалната ситуација, се посочува, се потврдени со наод и мислење од страна на вешто лице од Биро за судски вештачења извршено по претходна наредба од истражен судија од Основниот суд Скопје 1 Скопје.
- Дел од физичките лица кои наводно учествувале во наместените сообраќајни незгоди се жалеле на наводни телесни повреди за што била повикувана и медицинската итна помош, со што обезбедувале и медицинска документација за телесни повреди, врз основа на кои од Националното биро за осигурување противправно било барано исплата на нематеријална штета. Во една од фингираните сообраќајни незгоди еден од учесниците поради наводно настанати повреди, зел со себе лице кое имало претходно настанати физички повреди и го однел во хируршката клиника, од каде на лицето му бил извршен преглед во име на учесникот во наместената сообраќајна незгода, по што прибавил медицинска документација во која се евидентирани тешки телесни повреди. Со ваквата медицинска документација, покрај материјалната штета за возилото, му била исплатена и нематеријална штета, прецизираат од МВР.