Станови за 43 семејства во социјален ризик во Кочани
Вкупно 43 семејства во социјален ризик ќе го решат своето станбено прашање со изградбата на зграда во рамки на владиниот проект за изградба на станови за лица од социјално ранливи категории.
Во обиколка на градежните работи на овој објект денеска беше премиерот Никола Груевски кој од одговорните за објектот беше информиран дека работите се одвиваат согласно динамиката, дека е можно завршување на зградата и пред предвидениот рок и дека ги задоволува сите критериуми за енергетска ефикасна градба.
Градоначалникот на Кочани Ратко Димитров информира дека во населбата каде се изградени овие социјални станови веќе се изградени и три улици со средства од кредити од Светска банка. Локалните власти сметаат дека со овие две згради со вкупно 72 станбени единици во моментов се задоволуваат потребите во однос на решавањето на станбеното прашање за лица од социјалните категории.
Објектот е вреден 63 милиони денари, а неговата изградба започна во август годинава. Во неговиот состав е предвиден и канцелариски простор. Ова е втор станбен објект наменет за семејства во социјален ризик и се гради веднаш до веќе изградениот објект со социјални станови во кој живеат 29 семејства од социјално ранливи категории во кои спаѓаат лица без родители, самохрани родители, лица со инвалидитет, лица приматели на социјална помош, како и семејства од малцинствата.
Во рамки на владиниот проект за изградба на социјални станови досега се изградени вкупно 678 станови, а во фаза на градба е и објект со социјални станови во Македонски Брод. Вториот станбен објект со социјални станови во Кочани според планот треба да биде завршен во август 2017 година. До крајот на годинава се очекува ваков објект да почне да се гради и во Гостивар.
Обиколката на зградата е во рамки на посетата на премиерот Никола Груевски на општина Кочани каде денеска ќе биде отворена фабрика за ориз „Левидиагро“, турска инвестиција во вредност од четири милиони евра.