Груевски: Пресудата од Хаг е силен правно политички аргумент, Грција да покаже интерес
Одбиената покана за средба од страна на Андонис Самарас, лидерот на Неа демократија која е коалициски партнер во новата Влада во Грција, говори за немањето интерес за решавање на спорт за името. Македонската страна останува посветена за надминување на овој проблем, изјави денеска премиерот Никола Груевски.
- Поканата до Самарас од моја страна за средба беше желба да се продолжи дијалогот, да се воспостават нови комуникации во правец на изнаоѓање решение за проблемот којшто двете земји ги оптоварува веќе 20 години. Жал ми е што Самарас одби таква можност. Тоа зборува за интересот што другата страна го има во правец на разрешување на овој проблем, рече Груевски по посетата на СОС Детското село.
Тој уште еднаш упати апел до Самарас, но и до премиерот на Грција Лукас Пападимос да најдат начин и време да се надмине ова прашање кое ја преоптоварува Македонија, но, вели, не е добра работа ниту за нив.
- Треба да се изнајде решение. Не треба да се избегнуваат средби. Треба да се промени ставот и начинот на размислување кон својот сосед. Овој став на игнорирање и отфрлање на средби и на некој начин покажана ароганција во тој правец не е добар за добрососедските односи, не е добар за Грција и не води кон решавање на спорот. Се разбира, ние ќе продолжиме да бараме начини да го надминеме овој проблем со кој се соочуваме повеќе од 20 години до кој не доведе Грција со една неразумна политика кон својот сосед, кон нас, кон Република Македонија. Ние имаме проблем од нивното дејствување и мора да се најде начин тоа да се разреши. И тука се надевам меѓународната заедница ќе посвети повеќе внимание на овој дел затоа што однесувањето кое што го имаме во последно време не води кон решавање на спорот, истакна премиерот.
Тој укажа дека веќе шест месеци нема сериозна комуникација помеѓу двете држави и тоа не по наша вина, туку поради целосната дефокусираност од страна на Грција.
- Еден период тоа беше објаснувано заради финансиската криза, а сега гледаме и нови моменти во коишто не сакаат да остварат ниту средба, дури и тогаш кога сме на исто место во иста зграда што покажува дека не е само до финансиската криза, туку дека има сериозна намера да не се решава спорот, што не е нешто што треба да се поздрави, вели претседателот на Владата.
Во однос на пресудата во Хаг во корист на Македонија премиерот Груевски оцени дека ќе помогне во разговорите за името и е силен правен аргумент којшто би требало да делува и политички.
- Целата меѓународна јавност, сите светски медиуми што вршат анализи и следење на состојбите покажаа дека ова е нешто што ќе помогне во натамошните разговори и во изнаоѓање решение што ќе и помогне на Македонија. Дури го нарекуваа победа на Македонија. Единствено Грција излезе со спротивно мислење и на домашен план тоа беше СДСМ. Жалам што нивното мислење е такво, но јас сум длабоко убеден дека ова решение ќе биде од голема корист за нас во натамошните напори да се изнајде решение за спорот. Тоа е еден силен правен аргумент којшто не може да не делува и политички, рече премиерот Груевски.
Тој посочи оти очекува одлуката на МСП да биде земена предвид од членките на НАТО спроти идниот самит на Алијансата.
- Се покажа дека одлуката на земјите-членки на НАТО била заснована на претходен незаконски чекор направен од страна на една нивна членка, а тоа е Грција. На база на тој незаконски чекор тие донеле заклучок каков што донесоа во Букурешт, дека Македонија ги заврши сите работи за влез во НАТО, но треба уште да најде решение за спорот со Грција за да и се овозможи влез. Тој незаконски чекор којшто го направила една нивна членка ги донела во заблуда останатите членки на НАТО и тие донеле таков заклучок дека ова треба да биде услов, односно дека решавањето на проблемот треба да биде услов за влез во НАТО. Судот тоа го негираше и покажа и кажа дека и без да се дојде до такво решение има можности, и правни и легални, дури и обврзувачки, Македонија да стане членка на НАТО-Алијансата. Се надевам дека во наредниот период останатите членки на НАТО ќе размислат уште еднаш за таквиот став донесен во Букурешт кој бил последица на незаконски чекор на една нивна земја-членка, односно на Грција, рече премиерот Груевски.